култура и уметност

Слепиот сириски бегалец Леис: Музиката е мојот живот

„Јас свирам. Ова е омилената работа во мојот живот. Свирaм на лаута и на флејта. Сакам да ја свирам музика од Истокот. Но, свирам се, се што ќе ми се допадне” , го започнува разговорот сириецот Леис

Admir Fazlagikj  | 23.01.2016 - Обновена : 16.06.2017
Слепиот сириски бегалец Леис: Музиката е мојот живот

Гевгелија

ГЕВГЕЛИЈА (АА) – Адмир Фазлагиќ - Република Македонија од самиот почеток на бегалската и мигрантската криза е неизбежна станица на многуте бегалци коишто доаѓаат од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, бегајќи од тешката војна, во потрага по безбедно засолниште и подобро утре.

Еден од тие илјадници бегалци е младиот Леис од западно-централниот дел на Сирија, од градот Хама. Само што ја помина македонската јужна граница, седна да ги провери својот куфер, во кој меѓу другите лични работи, за најважни ги смета своите музички инструменти, лаута и флејта.

И покрај тоа што е слеп, не му претставува проблем да ужива свирејќи на своите омилени музички инструменти. Напротив, тој му противречи на слепилото, така што, музицирајќи, вели го доживува светот околу себе. Во разговор за АА, овој млад сириец кој вели дека флејтата и лаутата се дел од неговиот живот и дека ниту еден ден не би можел да го замисли без нив. Најппрвин, открива тој, од својата осма година почнал да свири на лаута, а после одредено време и на флејта.

Јас свирам. Ова е омилената работа во мојот живот. Свирам на лаута и на флејта. Сакам да ја свирам музика од Истокот. Но, свирам се, се што ќе ми се допадне” , го започнува разговорот сириецот Леис.

Тој открива дека желбата кон музиката била толку голема што не му претставувало никаков проблем да научи да свири на флејта и лаута, за кои вели дека се инструментите од кои можат да се слушнат најубавите звуци. Тешкиот живот поради војната во Сирија го приморал да ја напушти својата сакана и родна земја и да тргне по патот на спасот, патот за кој се надева дека ќе го однесе таму каде што звукот на огненото оружје, мирисот на барутот, плачот на сириските деца и немоќните луѓе ќе го заменат звуците на неговите инструменти.

Секојдневно свирам. Музиката е мојот живот” , раскажува Леис, велејќи дека свирењето му помага барем за момент да заборави на тешкиот бегалски живот.

Леис сака да отпатува за Германија, каде се неговата мајка и неговиот брат, кој исто така е спеп. Таму, верува Леис ќе може да го оствари она што го посакува- да го најде мирот. Порачува дека луѓето никогаш не треба да се предаваат бидејќи животот е неизвесен и секогаш носи нешто ново.

Без оглед што животот ќе ни донесе, не смееме да се предаваме. Ведрината, оптимизмот и надежта треба да не водат во животот", порачува младиот сириец, продолжувајќи го својот пат со верба за подобро утре.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.