ЕУ значително ги зголеми проекциите за очекуваниот економски раст на Турција

Европската комисија објави извештај во кој најголемата промена се однесува на зголемување на очекуваната стапка во економскиот раст на Турција

БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ги зголеми проекциите за очекуваниот економски раст на Република Турција од три на 5,3 отсто за оваа, а од 3,3 на четири отсто за наредната година, додека за 2019 година предвиде економски раст од 4,1%, јавува Anadolu Agency (AA).

Европската комисија објави извештај за проекциите на економскиот раст за есен 2017 година, а во однос на претходниот извештај, најголемата промена се однесува на зголемување на очекуваната стапка во економскиот раст на Турција.

Во новиот извештај на ЕУ беше ревидирана и очекуваната стапка на невработеност во Турција, па така, очекуваната стапка за оваа година е намалена од 13,6 на 11,3; за наредната година од 14,1 на 11 отсто, додека очекуваната стапка за 2019 година е 10,7 отсто.

Според експертите на ЕУ, зголемувањето на стапката на очекуваниот економски раст и намалената невработеност во Турција се темелат на стабилната странска побарувачка, замавот на градежниот сектор, широката фискална политика и добрите гаранции за кредитите во таа земја.

Во извештајот се предвидува дека еврозоната оваа година ќе оствари економски раст од 2,2, а наредната година за 2,1 отсто. За 2019 година е најавен раст од 1,9 отсто.

Слична е сликата и кога е во прашање целата ЕУ, каде што оваа година се очекува раст од 2,3 отсто, а во наредните две години од по 2,1 и 1,9 отсто.

Во еврозоната и во ЕУ се очекува и да се намали невработеноста за помалку од еден отсто во наредните три години.

Кризата предизвикана од севернокорејската нуклеарна закана и од излезот на Велика Британија од ЕУ се наведуваат како некои од најголемите ризици за економијата на еврозоната и ЕУ за наредниот период.