Анализа на вести, свет

Пет лоши оцени на Обама за време на неговиот мандат

По својот 8-годишен мандат, Обама функцијата претседател на САД ќе му ја предаде на Трамп, тој доби многу критики за своите неуспешни политики во однос на 5 прашања

Hakan Çopur  | 16.01.2017 - Обновена : 17.01.2017
Пет лоши оцени на Обама за време на неговиот мандат

Washington

ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Барак Обама, кој беше неуспешен во врска со Сирија, Ирак, меѓународната борба против тероризмот, мирот на Блискиот Исток, како и со случајот со затворот Гватанамо, ќе му остави лошо „наследство“ на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој пак ќе ја преземе новата функција на 20. јануари, јавува Anadolu Agency (AA).

По својот 8-годишен мандат, Обама функцијата претседател на САД ќе му ја предаде на Трамп, на свечена церемонија што ќе се одржи в петок, во Вашингтон. Тој доби многу критики за своите неуспешни политики во однос на 5 прашања.

Неговиот перформанс во одредени сфери на почетокот од претседателствувањето имаше позитивен ефект, додека пак за некои теми, неговото управување беше забележано како недоволно, особено во вториот мандат како претседател на САД, во кој неговите политики кон Сирија и кон Блискиот Исток беа цел на критики и во САД, и во главните градови на сојузничките држави.

- Внатрешната војна во Сирија -

Се чини дека пасивните и неодлучни политики на Обама за време на војната во Сирија, каде што животот го загубија околу 500.000 лица, ќе се паметат како најлоши перформанси за време на неговиот мандат.

Тоа што војната во Сирија трае веќе 6 години, а решение сѐ уште не е најдено, како и тоа што заканата од ДЕАШ сѐ уште постои, се оценува како одраз на неефикасноста на владата на Вашингтон во однос на политиката кон Сирија.

Лидерите на исламскиот свет и на Блискиот Исток имаа големи очекувања откако во 2009 година Обама ја презеде функцијата, но по започнувањето на т.н. „Арапска пролет“ во Сирија, тој одбра колку што е можно повеќе случувањата да ги следи од дистанца.

Обама во август 2012 година изјави: „… хемиското оружје ја повлече црвената линија“, но и покрај тоа што неколкупати во периодот 2013 – 2014 се докажа дека во Сирија се употребувало хемиско оружје, тој не презеде никаков чекор, или пак не успеа да преземе.

Обама во 2011 година првпат изјави дека Башар Ал Асад треба да си замине и неколкупати ја повтори оваа изјава, но кога во следните две години опозициските сили се приближија на неколку километри до центарот на Дамаск, тој не презеде никаква иницијатива, по што наиде на критики дека индиректно го поддржува режимот на Асад.

Професорот по меѓународни односи на Универзитетот во Денвер и претседател на Центарот за студии за Средниот Исток, Надир Хашими, во изјава за АА рече: „Како што масакрите од пред 20 години во Босна и во Руанда не го оставија Бил Клинтон на мир, така и кризата во Сирија и по заминувањето од функцијата, ќе го следи Обама. Доколку направеа некои работи навреме, ситуацијата можеше да биде поинаква. На крајот, стотици илјади лица ги загубија своите животи“.

Обама беше обвинет и поради недоволно преземени мерки за заштита на цивилите, кога Русија и Иран интервенираа во корист на режимот на Асад, а Турција предлагаше да се формира безбедносно подрачје, на што власта на Обама сврте грб.

- „Ирак на работ на граѓанска војна“ -

Обама за време на претседателските избори во 2008 година собираше гласови со најава на надворешната политика во однос на тоа дека ќе ја заврши војната во Ирак, но на крајот од својот 8-годишен мандат го остави Ирак на работ на граѓанска војна.

За време на кампањата во април 2007 година, Обама даваше изјави од типот: „Мислам дека крајот на војната во Ирак ни е на дофат со еден потпис“, но на крајот од својот мандат, тој не може да се спаси од критиките дека покрај тоа што не успеал да го запре насилството во државата, неа ја оставил под влијание на Иран.

По повлекувањето на последната војска од Ирак во 2011 година, Обама не успеа да ја види или не сакаше да ја види заканата од зголемувањето на „секташка дискриминација“ во државата каде што се зголемуваше и присуството на шиитската политика на Нури ел Малики.

Обама, кој не ги зеде предвид предупредувањата на Анкара и на Ербил, наместо да поттикне да се формира една инклузивна влада во Ирак, еден од резултатите на неговата поддршка на „авторитарноста“ на Малики предизвика брзо распространување на терористичката организација ДЕАШ во Ирак.

Тогашниот министер за одбрана, Чак Хагел, и началникот на Генералштабот, Мартин Демпси, на една конференција во 2014 во врска со Ирак, одржана во Комитетот за разузнавање на Сенатот, изјавија дека за кризата во Ирак голема улога имаат дискриминирачките политики на владата на Малики.

Откако на функција по Малики дојде Хајдар ел Ибади, багдадската власт повторно не успеа да се стабилизира и продолжи да се соочува со секташки судири и со заканите на ДЕАШ.

- Поддршката на ПЈД и реториката во борбата против тероризмот -

Администрацијата на Обама во секоја можност истакнуваше дека најголема закана за националната безбедност е терористичката ДЕАШ, а наспроти ова го поддржа ПЈД/ЈПГ, огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија.

Власта во Вашингтон, која доволно не ги поддржува умерените опозициски сили во Сирија, во борбата против ДЕАШ, во голема мера го потпре грбот врз ПЈД, што предизвика нови тензии во турско-американските односи.

Давајќи им оружје и муниција на ЈПГ – оруженото крило на ПЈД, која пак е продолжена рака на ПКК во Сирија, партнери со Сириските демократски сили – САД не ја послуша Турција во врска со чувствителноста во однос на турската националната безбедност.

Шефот на редакцијата на весникот „Вашингтон Пост“ во Бејрут, Лиз Слај, го привлече вниманието со својот минатонеделен текст под наслов „Воената помош на САД ги храни амбициите на левичарската курдска милиција во Сирија“. Во текстот тој вели дека силите на ПЈД сочинуваат ¾ од коалицијата на Сириските демократски сили и на овој начин најголем дел од воената помош на САД оди во корист на ПЈД.

Во последниот месец од мандатот, власта на Обама соопшти и дека треба да се најде на маса во врска со преговорите за Сирија и ПЈД. Со ова изгледа дека власта на Обама од една страна се бори против терористичката ДЕАШ, а од друга страна се потпира на друга терористичка организација, односно ПЈД/ЈПГ.

- Мирот на Блискиот Исток -

Обама покажа слабост и во однос на мирот на Блискиот Исток со своите падови и подеми за време на двата претседателски мандата.

Тој по доаѓањето на власт во САД ветуваше решение на израелско-палестинското прашање. Но, за време на својот втор мандат, кога во јули 2014 година Израел презеде контрачекори против ова ветување и ја нападна Газа, Обама ги поддржа овие напади велејќи дека тоа е право на самоодбрана.

Најголемата воена поддршка САД ја даде за време на мандатот на Обама. Тој потпиша договор што предвидува САД во рок од 10 години да оствари воена помош во вредност од 38 милијарди долари, а во врска со ова изјави дека билатералните односи меѓу двете држави се стабилни.

За време на својот мандат, власта на Обама ги поддржа речиси сите воени и политички чекори на Израел, а ги одби 9-те одредби што го критикуваа Израел во Советот за безбедност на ОН (СБ на ОН), и го поддржа донесувањето на одлуката којашто предвидува итен и целосен прекин на нелегалните еврејски населби.

Од друга страна пак, овој чекор на Обама, кој го направи во последниот месец од неговиот мандат, колку и да се прифати како „историски“, сепак се оценува како презадоцнет чекор во насока на обезбедувањето мир на Блискиот Исток.

- Не успеа да го затвори „Гватанамо“ -

Едно од најголемите ветувања од 2008 на Обама е дека ќе го затвори затворот „Гватанамо“, но тој не успеа да го оствари ова ветување за време на 8-годишниот мандат.

Обама беше изјавил дека бројот на затвореници постојано се намалува и дека сака да го затвори „Гватанамо“, но како виновници за неуспехот ги посочи републиканците во Конгресот. Меѓутоа, дел од американската јавност го обвинува Обама дека не ги искоритил сите правни можности со кои располага за да го затвори Гватенамо.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.