Балкан

Во текот на ноќта урнат објект на Исламската заедница во Белград

„Вечерва успеав да дојдам тука, пред објектот. Ме соборија на земја, а полицаецот ми се закануваше дека ќе ме одерат. Ако ни го урнат ова, значи нѐ рушат и нас“, изјави имамот Зејнулах

Zana Obradovic  | 26.05.2017 - Обновена : 27.05.2017
 Во текот на ноќта урнат објект на Исламската заедница во Белград

Belgrade

БЕЛГРАД (АА) - Во населбата Земунско Поле во Белград, во текот на ноќта е урнат верски објект на Исламската заедница на Србија, пренесува Anadolu Agency (АА).

Како што изјави за АА муфтијата сремски и главниот имам на земунскиот меџлис, Емин еф. Зејнулаху, објектот е урнат околу три часот утрината, во присуство на голем број полицајци и припадници на жандармеријата, а струјата во целиот крај беше исклучена, како и интернетот.

Според неговите зборови, општината Земун издала налог за рушење, иако било ветено дека следната недела ќе се преговара за тоа како да се реши проблемот.

„Вечерва успеав да дојдам тука, пред објектот. Ме соборија на земја, а полицаецот ми се закануваше дека ќе ме одерат. Ако ни го урнат ова, значи нѐ рушат и нас. Ова е пораз на државата, не наш пораз, ние ќе продолжиме да бидеме муслимани“, изјави имамот Зејнулах..

Тој ги повика муслиманите во Србија и надвор од неа, без оглед на ситуацијата, да останат мирни и сталожени.

Зејнулаху потсети дека Исламската заедница поднела барање за легализација на објектот, како и дека без дозвола изградиле кров и поткровје, но дека вечерва, освен тоа, урнат е и првиот кат на објектот.

Тој се надева дека ќе се најде решение за овој проблем и дека ќе им биде обезбедена локација на која можат да изградат свој верски објект, и додаде дека очекува од надлежните да ги повикаат на разговор.

Зејнулаху изјави дека сега ги чекаат реакциите на властите, реакциите во регионот и од дипломатските претставништва, дали ќе застанат во одбрана на човековите права и правата на слобода на вероисповед, загарантирани со Уставот.

„Се надевам дека ќе ја изградиме џамијата легално и државата за тоа да ни излезе во пресрет. Го молам Бога така да биде, нам денес ни е Рамазан, ние не ја менуваме нашата природа, ние нема да правиме проблеми, ние ќе клањаме на улица, сѐ додека државата не ни излезе во пресрет“, изјави Зејнулаху.

Фатмир Куруези, жител на населбата, за АА изјави дека тој крај синоќа бил преполн со полиција, што нешто што го немал видено никогаш во животот и дека децата се исплашиле и врескале кога ја исклучиле струјата.

Тој наведе дека полицијата лично не им правела проблем, но дека не им дозволувала да се движат, па тој не можел да оди до другата куќа во која живее неговиот син.

Куруези изјави дека не може да разбере зошто не им дозволуваат да го изградат овој дом за молитва.

„Ако даде Бог да се собереме, ние тоа повторно ќе го изградиме, или нека ни дадат некаде легално да го градиме тоа. Зошто тоа не ни го дозволуваат, не разбирам. За себеси си направија цркви, а нас не ни даваат да направиме џамија“, изјави Куруези.

Рушењето на објектот било планирано за вчера утрината. Меѓутоа, верниците вчера успеаја да го спречат извршувањето на одлуката. Надлежните тоа сепак го сторија во текот на ноќта.

Верскиот објект што е урнат не бил изграден до крај, бидејќи ги немал потребните дозволи. Меѓутоа, она на што укажуваат од Исламската заедница на Србија и жителите на населбите, во Земунско поле повеќе од 500 куќи немале дозвола за изградба, како ни црквата што постои во тој дел на градот, но никој не ги руши.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın