Балкан

Амбасадорката на Србија во Македонија повикана на разговор во МНР

МНР ја повикало на разговор амбасадорката на Србија во Македонија поради забележаното присуство на Горан Живаљевиќ, советник во aмбасадата на Србија во Македoнија како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието за време на насилните настани

Admir Fazlagic  | 26.05.2017 - Обновена : 27.05.2017
Амбасадорката на Србија во Македонија повикана на разговор во МНР

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР) соопшти дека денеска ја повикало на разговор амбасадорката на Република Србија во Република Македонија Душанка Дивјак-Томиќ поради забележаното присуство на Горан Живаљевиќ, советник во Амбасадата на Република Србија во Република Македoнија како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).

„На средбата беше изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Република Србија во Република Македонија во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април о.г., и беше побарано детално појаснување на причините и околностите за истото", се вели во соопштението на МНР.

Како што соопштуваат од МНР, притоа било укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат.

„Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право", пишува во соопштението.

Меѓу другото, на средбата биле потврдени заложбите за развивање и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, Република Македонија и Република Србија.

„Од страна на соговорникот, со потврдување на заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете соседни држави, беа искажани ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ", информираат од МНР.

Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстранти предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои се собраа пред зградата на парламентот, насилно влегоа внатре, каде што како резултат на нивното насилство беа повредени 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.