политика, Балкан

Бугарскиот премиер пристигна во Македонија, започна седницата на двете влади

Седницата се одржува во Домот на АРМ во Струмица, а пред нејзиниот почеток, премиерите на двете земји положија цвеќе на споменикот на претседателот Борис Трајковски

Besar Ademi  | 23.11.2017 - Обновена : 23.11.2017
Бугарскиот премиер пристигна во Македонија, започна седницата на двете влади Besar Ademi/AA

Strumica

СТРУМИЦА (АА) - Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој беше пречекан од страна на неговиот македонски колега, Зоран Заев, пристигна во Струмица, каде што се одвива и седницата меѓу двете влади, а потоа се очекува да бидат потпишани неколку договори и меморандуми, јавува Anadolu Agency (AA).

Седницата се одржува во Домот на АРМ во Струмица, а пред нејзиниот почеток, премиерите на двете земји положија цвеќе на споменикот на претседателот Борис Трајковски.

Владата на Македонија ја претставуваат премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Бујар Османи, Кочо Анѓушев, како и министрите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Горан Сугаревски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски, Сухејл Фазлиу, Садула Дураку, Кире Наумов и Драги Рашковски.

Од бугарска страна, покрај премиерот Борисов, на седницата ќе учествуваат и вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московско, Емил Караниколов, Теменужна Петкова и Николина Ангелкова.

На оваа заедничка владина седница меѓу Македонија и Бугарија, се очекува да се потпишат девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и за реакции за време на природни катастрофи.

Во текот на седницата треба да се потпише и меморандум за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатична технологија и комуникација на Бугарија и Министерството за информатичко општество и администрација на Македонија, за намалување на меѓународните тарифи за роаминг услугата, кој вчера го одобрија владите на двете земји.

Договорите се дел од исполнувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан на 1 август оваа година во Скопје.

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на премиерот Заев со владата на соседната земја. Во декември е договорена и заедничката владина седница меѓу Албанија и Македонија во албанскиот град Поградец.

За време на официјалната посета на премиерот Заев во Белград, договорена е и заедничката седница меѓу Владите на Македонија и на Србија, која треба да се одржи кон крајот на февруари или почетокот на март наредната година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.