Балкан

Бункерите, сведоци на комунистичкото минато на Албанија

Бункерите кои претходно биле планирани за одбрана во случај на војна, денес претставуваат туристичка атракција, но се користат и за различни намени

Fatjon Cuka  | 21.02.2018 - Обновена : 21.02.2018
Бункерите, сведоци на комунистичкото минато на Албанија

Tirana

ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА

Бункерите или познати како стрелачки позиции во официјалната воена терминологија на комунистичкиот режим во Албанија, денес се забележуваат речиси во секој град и во голем број села во Албанија, како еден сведок на комунистичкото минато на оваа земја, пишува Anadolu Agency (AA).

Бункерите кои претходно биле планирани за одбрана во случај на војна, денес претставуваат туристичка атракција, но се користат и за различни намени.

Што всушност се бункерите? Овие објекти биле специјални засолништа во форма на круг, обично половина вкопани в земја, со дебели бетонски ѕидови кои биле планирани да служат како стрелни позиции во случај на напад од одредена земја врз Албанија, особено од соседните земји. Бункерите се изградени за време на комунистичкиот режим.

- Изградени за одбранбени цели -

Во Албанија се изградени околу 170.000 бункери со различна големина. Оваа бројка вклучува и други одбранбени градби, а по падот на комунизмот започна нивното уништување, како и нивната пренамена. Бункерите се изградени во текот на 20-годишен период, речиси на целата територија на земјата според план изготвен и усвоен од страна на институциите на комунистичкиот режим.

За фортификација на земјата со бункери истражувани се модели на фортификација од различни земји во светот, како германски, руски и грчки модели, за потоа да се постигне еден модел применлив во Албанија.

Мухарем Албан, потполковник резервист и специјалист при Музејот на вооружените сили на Албанија, во изјава за Anadolu Agency (AA) раскажа дека бункерите се изградени речиси низ целата територија на земјата.

„Процесот на 'бункеризација' започнал во 1965 година и завршил околу 1985 година. Бункерите се изградени само за одбранбени цели во текот не периодот на Студената војна. Целта на нивната изградба е одбрана на земјата, т.е место од каде што војниците ќе ја обезбедуваат одбраната. Од стратешка гледна точка главниот град (Тирана) имаше една посебна одбрана. Од Скадар покрај границата сè до Охридското Езеро бункерите биле наменети за одбрана од поранешна Југославија. На границата со Грција, која почнува од Преспанското Езеро до Кониспол, биле изградени за заштита од јужниот сосед, Грција, додека долж крајбрежната линија од езерото во Скадар до Саранда, за одбрана од Италија. Обично, бункерите се градени околу ридовите, во долините, како и долж крајбрежната линија“, рече Алба.

Според него, изградбата не се вршела насекаде, туку на добро истражени места. Официјалните материјали за фортификација со бункери на територијата на земјата, и мапата на нивна распределба се зачувани во Централниот архив на Армијата на Албанија и во Музејот на вооружените сили на Албанија

- Бункерите претворени во туристички атракции -

Дел од бункерите се изградени и во албанскиот главен град Тирана, особено во периферните подрачја, но и на територијата и на другите големи градови, како Драч, Валона, Скадар и Елбасан.

Голем број од бункерите сè уште се на местата каде што се изградени, во градовите, селата, крајбрежните и планинските подрачја на земјата, како едно наследство од диктаторскиот режим.Тие во текот на последните години се користат за одреден бизнис или за сместување на семејства кои имаат потреба од тоа, потоа како барови и ресторани, магацини, уметнички творби и како музеи прилагодени од страна на државните институции.

Бункерите го оживеаа и интересот на странските туристи, кои во периодот по распадот на комунистичкиот режим ги посетуваат подрачјата каде што се изградени овие објекти.

Во Тирана во последните години некои од познатите бункери и тунел-бункери на комунистичкиот режим се претворија и во музеи, презентирајќи работи и документи од комунистичкото минато.

„Bunk'Art“ и „Bunk'Art 2“ денес се претворени и како атракции за домашните и странските туристи, кои ги документираат фактите од делата на комунистичкиот режим, додека илјадници други се уништени или оштетени во текот на последните 25 години. Бункерот за противракетна одбрана во Туфина, периферично подрачје на Тирана, е именуван како „Bunk'Art“, и функционира како музејски објект. Овој објект беше изграден од страна на комунистичкиот систем во 1978 година, додека во него се наоѓа соба што била планирана за поранешниот диктатор Енвер Хоџа и соба за поранешниот премиер на комунистичкиот режим, Мехмет Шеху.

„Bunk’Art“ денес е поделен на неколку музејски простории, за време на комунистичкиот режим овој бункер бил именуван „Objekti 0774“. Во внатрешниот дел на бункерот изложено е оружје, униформи, документи, различни мапи и други предмети користени во тој период, и е посетуван од страна на домашни и странски туристи.

Еден од тунел-бункерите познати во Тирана е и бункерот кој во последните години е именуван како „Bunk'Art 2“, поставен пред албанското Министерство за внатрешни работи во Тирана.

Во овој објект, кој е претворен во музеј, се изложени различни содржини, како фотографии, уреди за прислушување и други предмети кои ја покажуваат активноста на полициските институции на комунистичкиот режим, како и различни докази поврзани со жртвите на режимот на поранешниот диктатор на Албанија, Енвер Хоџа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın