Балкан

Бушати – Димитров: Албанија и Македонија ги поврзува многу силен мост

Министрите Бушати и Димитров, одржаа заедничка прес-конференција на којашто беше најавено дека наесен годинава, владите на Албанија и на Македонија ќе одржат заедничка седница

Fatjon Cuka  | 25.07.2017 - Обновена : 26.07.2017
Бушати – Димитров: Албанија и Македонија ги поврзува многу силен мост (Foto: Olsi Shehu/AA)

Tirana

ТИРАНА (АА) - Во Тирана денес се одржа средба меѓу министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, и неговиот македонски колега Никола Димитров, по што тие одржаа заедничка прес-конференција на којашто беше најавено дека наесен годинава, владите на Албанија и на Македонија ќе одржат заедничка седница, јавува Anadolu Agency (AA).

Шефот на македонската дипломатија, Димитров, престојува во официјална посета на Албанија, каде што на средбата со неговиот албански колега, во фокусот на разговорите беа билатералните односи на Македонија и Албанија, реформите во процесот на интеграција во Европската Унија, заедничката владина седница, како и други теми.

„Мислам дека има многу потенцијал меѓу нашите две земји, има многу силен мост. Граѓаните на Република Македонија кои се дел од македонското малцинство (во Албанија), меѓутоа и бројната албанска заедница во Република Македонија се еден мост што силно нѐ зближува. Силно нѐ зближува и заедничката визија да бидеме дел од Европската Унија“, рече министерот Димитров, додавајќи дека на денешната посета гледа со многу внимание и ја смета за многу важна. Тој истакна дека е потребно двете земји да бидат целосно отворени за соработка на сите полиња, што е, како што рече, неговата главна порака денеска.

„Се договоривме да направиме повеќе од обични политички декларации и зборови. Сакаме да работиме конкретно и сакаме Коридорот 8, од точка во нашите потсетници за средби, да порасне во конкретни проекти што прво ќе ги видиме, а второ, нашите граѓани ќе ги користат“, истакна шефот на македонската дипломатија.

Македонскиот министер за надворешни работи, исто така, зборуваше и за Нацрт-законот за употреба на јазиците, за кој рече дека сѐ ќе биде направено во согласност со Уставот на Република Макеоднија и во најдобар интерес на граѓаните.

Димитров рече дека Нацрт-законот за употреба на јазиците Владата ќе го достави до Собранието, со цел тој да биде во согласност со Уставот.

Меѓу другото, Димиров информираше дека трговската размена меѓу Македонија и Албанија изнесува околу 100 милиони евра.

Од друга страна, министерот Бушати истакна дека одржувањето на заедничка владина седница на двете земји, наесен оваа година, е нов развој на односите меѓу двете земји.

„По дискусијата и договорот во Трст меѓу двајцата премиери, денес се согласивме за одржување на првата заедничка седница на двете влади наесен оваа година, во Поградец. Ова ќе биде нов развој во односите меѓу нашите две земји. Албанија и Македонија имаат полн потенцијал да создаваат нова развојна оска во регионот, зацврстувајќи ја инфраструктура во целина. Ние сакаме и понатаму да ги развиваме односите меѓу Албанија и Македонија. Македонија е важен сосед“, рече министерот за надворешни работи на Албанија.

Бушати рече дека Албанија нема отворени прашања со Македонија, а според него, земјата сака да создаде уште поцврсти односи преку нов проект за соработка.

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, во рамките на посетата на Албанија оствари средба и со претседателот на Албанија, Илир Мета.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.