Балкан

Во Скопје слета првиот авион на директната линија од Катар

Новата линија од Катар до главниот град на Македонија ќе сообраќа четирипати неделно со авионот „Airbus А32“ (Ербас А32), кој располага со 12 места во бизнис класа, и 132 места во економска класа

Besar Ademi  | 17.07.2017 - Обновена : 18.07.2017
Во Скопје слета првиот авион на директната линија од Катар

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Првиот авион на директната воздушна линија од Доха за Скопје денес слета на аеродромот „Александар Велики“. Новата линија од Катар до главниот град на Македонија ќе сообраќа четирипати неделно со авионот „Airbus А32“ (Ербас А32), кој располага со 12 места во бизнис класа, и 132 места во економска класа, јавува Anadolu Agency (AA).

Патниците од Доха беа пречекани со „воден мост“ околу авионот и со традиционална македонска храна. Со новиот авион од Доха пристигнаа и комерцијалниот директор на „Qatar Airways“ (Катар ервејс), Ехад Абдел Фатах Амин и амбасадорката на Македонија во Катар, Вукица Кртолица-Поповска, кои беа пречекани со црвен тепих.

Тие беа пречекани од страна на генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, придружуван од министерот за транспорт и врски на Македонија, Горан Сугарески, и амбасадорот на Катар во Македонија, Хасан Бин Абдулах Заид Ал Махмуд, кои по пречекот заедно ја пресекоа тортата во чест на отворањето на новата дестинација.

Според најавеното, генералниот директор на „ТАВ Македонија“ и комерцијалниот директор на „Qatar Airways“ утре ќе се обратат на заедничка прес-конференција каде што ќе ја промовираат новата воздушна линија од Доха за Скопје, како и предностите на новата поврзаност меѓу двете престолнини со директната воздушна линија.

Минатата недела на аеродромот „Александар Велики“, „ТАВ Македонија“ промовираше и три нови линии до Малта, Рим и до Ваксјо. Со поставување на трите нови линии и зголемувањето на фреквентноста на постоечките рути на двата аеродрома во Македонија, се очекува пораст во бројот на патниците, како и зголемување на воздушната циркулација во втората половина од годината.

Во првите шест месеци од годинава забележан е пораст од шест отсто на бројот на патниците, споредено со истиот период минатата година, односно на двата македонски аеродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.