Балкан

Во Собранието продолжува дебатата за Комисијата за избори и именувања

За дебата околу Комисијата за избори и именувањата беа пријавени 51 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кои со репликите, според СДСМ и ДУИ, имаат намера да ја одолговлекуваат и да ја блокираат следната процедура за избор на претседател на Собранието

Besar Ademi  | 28.03.2017 - Обновена : 29.03.2017
Во Собранието продолжува дебатата за Комисијата за избори и именувања

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија денес напладне продолжи со конститутивната седница, на која се дебатира за предлозите за именување на претседателот, заменик-претседателот и за членовите на Комисијата за избори и именувања, а на дневен ред е изборот на претседателот на Собранието на Р. Македонија, за чие изгласување се потребни 61 глас од вкупниот број на пратеници, јавува Anadolu Agency (AA).

Според првичниот договор меѓу политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови во Комисијата за избори и именувања, СДСМ петмина, а ДУИ и движењето БЕСА по еден член. Потврдата за составот на комисијата е предуслов за да продолжи парламентарната конституивна седница, која започна на 30 декември минатата година, но беше прекината бидејќи не беше постигнато парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието на Македонија.

За дебата околу Комисијата за избори и именувањата беа пријавени 51 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кои со репликите кон своите сопартијци, според СДСМ и ДУИ, имаат намера да ја одолговлекуваат и да ја блокираат следната процедура за избор на претседател на Собранието.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, рече дека е потребна дебата за составот на комисијата, затоа што оваа комисија ќе предложи нов претседател на Собранието. Тој истакна дека не може да се почне со изборот на претседател на Собранието пред да се затворат прашањата од првата точка.

„Никој не спори никому да предложи кандидат за претседател на Собранието со 20 или повеќе потписи. Сега е време за дебата и мислам дека поважен е квалитетот на дебатата и аргументите од било кое брзање. Брзањето може да не однесе само во погрешна насока. “, изјави Милошоски.

Од друга страна, според пратеникот од редовите на ДУИ, Џеват Адеми, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дебатираат за прашања што немаат никаква врска со составот на Комисијата, со цел да не се помине на точката за избор на претседател на Собранието.

„За секој момент дебатата ќе биде девалвирана, за секој говорник и пратеник што реплицира паѓа интересот, толку повеќе што и самите вие не веруваате во тезите што ги поставувате, бидејќи тие се неосновани. Да, можете го узурпирате подиумот, но тоа нема ефект. Ова е само губење време или добивање време од вашата страна“, изјави Адеми.

Вчера, СДСМ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, со потпишувањето на 20 пратеници поднесоа предлог за кандидатот на ДУИ, Талат Џафери да биде нов претседател на Собранието, но ВМРО-ДПМНЕ бара новиот кандидат кој ќе биде предложен да биде против албанската платформа.

Во меѓувреме, предложениот кандидат за претседател на Собранието, Талат Џафери, беше одбиен и од страна на Движењето БЕСА, бидејќи според нив, тој има историја со повеќе кривични дела и нема да придонесе за новата најавена реформска влада.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.