Балкан

Гевгеличани на референдум се изјаснуваат дали се за отворање на рудници на злато

Жителите на најјужниот град во Репулика Македонија, Гевгелија, со референдум одлучуваат дали на планината Кожуф ќе се градат два рудника за металични минерални суровини, поточно рудници за злато

Toni Avramov  | 23.04.2017 - Обновена : 24.04.2017
Гевгеличани на референдум се изјаснуваат дали се за отворање на рудници на злато ( Foto: Toni Avramov/AA)

Skopje

ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Жителите на најјужниот град во Репулика Македонија, Гевгелија, со референдум одлучуваат дали на планината Кожуф ќе се градат два рудника за металични минерални суровини, поточно рудници за злато, јавува Anadolu Agency (AA).

Според избирачкиот список во општина Гевгелија треба да гласаат вкупно 19 363 граѓани на 37 избирачки места, кои се отворени утрово од седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот. Референдумот за успешен се смета ако на гласање излезат 51% од гласачите.

Одржувањето на референдумот е иницирано од здружението „Спас за нас“ кој поднесе иницијатива до Советот на општина Гевгелија, а кој пак одлучи референдумот да се одржи на 23 април 2017 година.

„Иницијативата дали граѓаните сакаат или не сакаат отворање такви рудници ја ставивме како предлог одлука на Советот на општина Гевгелија при што советниците едногласно одлучија дека оваа иницијатива треба да оди на референдум со посебен акцент дека Гевгелија треба да си ја зачуваме како чиста еколошка средина“, изјави за АА градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов.

Ваквата одлука е мотивирана од можноста за покренување постапка за добивање концесија за отворање рудници од отворен тип кои би нанеле огромни штети пред сè врз здравјето на луѓето, велат од од здружението „Спас за нас“.

„Наша цел е да ги информираме сите граѓани што се случувало до денес, што ќе се случува во иднина и кои се последиците од отворањето на ваков тип рудници. Имено се работи за една од најдеструктивните стопански дејности, а отворањето на овие рудници ќе произведуваат над 10 тона канцерогена прашина што ќе придонесе директно загадување на подземните води, уништување на земјоделството, сточарството, туризмот, со краен ефект иселување на населението“, изјави претседателот на здружението Ангел Наков.

Инаку, концесија за истражување на планината Кожуф има добиено канадската компанија „Невсун“ преку македонската фирма „Резервоар Минералс Македонија“ во 2013 година, а истата истекува во јули 2017 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.