Балкан

ДИК ги разгледува приговорите за првиот круг од локалните избори

Во предвидениот рок беа поднесени 46 приговори, од кои 43 приговори се од ВМРО-ДПМНЕ, а по еден приговор поднесоа Алијансата на Албанците, Левица и ТМРО

Ivana Ramadanova  | 19.10.2017 - Обновена : 20.10.2017
ДИК ги разгледува приговорите за првиот круг од локалните избори (Foto: Ivana Ramadanova/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница одлучува по приговорите од подносителите на листите на кандидати во врска со гласањето на првиот круг од локалните избори, јавува Anadolu Agency (AA).

Во предвидениот рок беа поднесени 46 приговори, од кои 43 приговори се од ВМРО-ДПМНЕ, а по еден приговор поднесоа Алијансата на Албанците, Левица и Трајно македонско радикално обединување (ТМРО).

Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот од своето излагање обвини за низа неправилности од страна на избирачките одбори, образложувајќи го првиот приговор, кој се однесува за гласањето во Прилеп.

„Од избирачкиот одбор за избирачкото место 1356 и 1416 во општина Прилеп, за избор на градоначалник на општина Прилеп и член на Општина Прилеп, не се потпишани членовите на избирачкиот одбор, односно претседателот и членовите на избирачкиот одбор“, истакна Стаменковска.

По изнесениот приговор, следуваше расправа од страна на членовите на Државната изборна комисија.

„Избирачкиот одбор е должен на овластените претставници на политичките партии да им даде копија идентична на оригинало, само со една причина, да не се случи копиите што се даваат на политичките партии да бидат различни од оригиналот“, рече Силвана Бонева.

„Приговорот кој се заснова врз основа на копија што ја добива секоја политичка партија, го добива членот кој бил присутен во времето на сочинувањето на записникот, на потпишувањето на оригиналот и добива копија, така што да не стои размислувањето дека политичките партии добиле некој друг записник, и заради тоа е поднесен овој приговор и се смета дека тој е основан“, истакна Виолета Дума.

„По тоа што јас го видов во оригиналот, сѐ е потпишано по процедура, како што треба, врз основа на член 117, и мислам дека нема основ овој приговор“, рече Субхи Јакупи.

Досега Државната изборна комисја одби два приговора за поништување на гласањето во две избирачки места во Прилеп и еден приговор за општината Ѓорче Петров.

Пред почетокот на седницата, опозициската ВМРО ДПМНЕ повлече три од приговорите што се однесуваат на гласањето и сумирањето на резултатите во Скопје и во Прилеп.

ДИК е должна да одлучи по приговорите на кандидатите во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето, во рок од 48 часа по приемот, додека пак против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението.

Управиот суд на Република Македонија, пак, по приемот на жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.