Балкан

Димитров и Османи се состанаа со експерот на ЕУ Рајнхард Прибе

Од МНР велат дека Прибе ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во Македонија, за спроведување на препораките од Извештајот и Итните реформски приоритети

Ivana Ramadanova  | 27.06.2017 - Обновена : 28.06.2017
Димитров и Османи се состанаа со експерот на ЕУ Рајнхард Прибе (Фото: Министерство за надворешни работи на Република Македонија)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Денес, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, и владиниот заменик-претседател за европски прашања, Бујар Османи, имаа работен појадок со експерот на Европската унија (ЕУ) Рајнхард Прибе, кој престојува во работна посета на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, експертот на Европската Унија, Рајнхард Прибе, ја потврдил подготвеноста експертскиот тим да ѝ помогне на Македонија во надминувањето на посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела.

Од ресорното министерство велат дека Прибе ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот на Европската комисија и Итните реформски приоритети.

Како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, министерот Димитров изразил благодарност за ангажманот на експертскиот тим предводен од Прибе, којшто со прецизното детектирање на недостатоците во неколку клучни области придонел кон процесите за надминување на политичката криза.

„Отсуството на независни институции имаше последици на демократските процеси во Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација со цел доследно спроведување на законите“, изјави Димитров.

Вицепремиерот Османи посочи дека е потребна директна и отворена комуникација по однос на сите прашања што треба да се решат, со цел меѓусебно разбирање, како основа за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

„Јас, како и Секретаријатот за европски прашања стоиме на располагање за сѐ што ви е потребно за објективна и точна процена на состојбата. Клучно е да добиеме од вас јасни препораки за она што треба да биде преземено и што може да биде реализирано, на краток и среден рок, рече Османи“, се вели во соопштението од МНР.

Димитров и Османи ја истакнале цврстата заложба на Владата на Република Македонија да ги адресира препораките од Извештајот на експертската група од 2015 година и да ги спроведе мерките предвидени со Акцискиот план за Итните реформски приоритети, со цел Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.