Балкан

Загреб: Меѓудржавна комисија за идентификација на околу 80.000 жртви

„Сакаме да ги дознаеме имињата и околностите на смртта на сите луѓе загинати во војните на целото подрачје на поранешна Југославија“

Stipe Mayiç  | 23.03.2017 - Обновена : 24.03.2017
Загреб: Меѓудржавна комисија за идентификација на околу 80.000 жртви

Zagreb

ЗАГРЕБ (АА) - Коалицијата за РЕКОМ настојува со серија конференции во Загреб, Белград, Сараево и во Приштина да изврши јавен притисок за процесот на соочување со минатото да биде забрзан, односно повторно да се придвижи. Се бара парламентите на државите кои беа погодени за време на војната од 1990 година да основаат заедничка меѓудржавна комисија којашто ќе идентификува уште околу 80.000 жртви од војната, јавува Anadolu Agency (AA).

Коалицијата за РЕКОМ очекува од парламентите на државите да дадат согласност за да се воспостави регионална комисија која би имала и надлежност да ги утврди околностите под кои се случиле воените злосторства, но и сите други облици на воена соработка за да се дојде до попис на имињата и бројот на жртвите.

Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски истакна дека сите во регионот зборуваат за соочување со минатото, но дека всушност се одбираат одредени поглавја на соочување.

„Сакаме да ги дознаеме имињата и околностите на смртта на сите луѓе загинати во војните на целото подрачје на поранешна Југославија“, порачува Пуховски.

Пуховски смета дека тоа би требало да биде задача на меѓународната комисија во која би учествувале сите држави од Југославија кои имале човечки загуби.

Тој изјави дека се покажало оти сите политичари што дале поддршка за ваквото соочување со минатото, многу брзо ги губеле изборите во земјите од регионот, дека целиот процес се одолговлечил, и дека со текот на времето, сѐ потешко е да се стигне до фактите.

Наташа Кандиќ, од Фондот за хуманитарно право на Белград, вели дека минатото секој ден станува сѐ подалечно, така што повеќе не се ни споменува бројот на жртвите.

„Сакаме да ги разбудиме лидерите на југословенските држави дека тоа минато мора да се прекине и да се заврши на чесен начин. Мора да се знаат имињата и да се прекине културата на несеќавање, заборав и нови вистини. Мораме да изградиме гаранција да не се повторуваат воените злосторства на секои 50 години“, порачува Кандиќ.

Кандиќ вели дека веќе се документирани 23.000 имиња на жртвите кои го загубиле животот во војната, со тоа што Хашкиот трибунал ги открил имињата на 12.000 жртви од воените злосторства додека имињата на околу 8.000 жртви останале неоткриени, ниту пак се знае околноста на смртта.

„Бараме факти, а не една службена вистина што би важела за сите страни“, порачува Кандиќ.

Дино Мустафиќ, театарски режисер од Сараево, наведува дека во БиХ системски е спроведена култура на заборав и негирање, култура на лага и негирање.

„Коалицијата за РЕКОМ се залага за форензичка вистина и мислиме дека таа е предуслов за каков било дијалог на просторот на Балканот за процесот на помирување“, порача Мустафиќ.

Катарзичната вистина мора да се донесе на ниво на меѓудржавен дијалог, вели Мустафиќ и предупредува дека БиХ нема да биде во можност да ги отвори преговорите со ЕУ доколку минатото се замрачи.

Тој смета дека отворањето на националните комисии за жртвите од минатото во Босна и Херцеговина нема изгледи поради комплексноста на војната, туку само регионален контекст на соочување.

Весна Тершелиќ од Документа – Центарот за соочување со минатото, порача дека сѐ уште не постојат јасни факти за жртвите од Првата и од Втората светска војна и од повоениот период, и дека тоа ги држи нациите во своевидна политичка темнина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.