Балкан

Заев – Вучиќ: Сите недоразбирања во меѓусебните односи да се решаваат по пат на дијалог

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што беа разгледани сите аспекти на новонастанатата ситуација

Ivana Ramadanova  | 23.08.2017 - Обновена : 24.08.2017
Заев – Вучиќ: Сите недоразбирања во меѓусебните односи да се решаваат по пат на дијалог

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што беа разгледани сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението од владиниот кабинет, двајцата говорници постигнаа заемна согласност, Македонија и Србија сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи да ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.

Воедно, беше договорено дека без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските односи на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и на Србија.

„Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Истовремено, во согласност со прописите на меѓународното јавно право и на добрата волја и пријателска основа, двете држави ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија“, стои во соопштенеито на владиниот кабинет, а било договорено во разговорот помеѓу Заев и Вучиќ.

Од кабинетот додаваат дека Македонија и Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат заемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнувањето на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.

Тензиите меѓу Македонија и Србија почнаа во неделата, кога Србија го повлече персоналот од својата амбасада во Скопје на итни консултации во Белград, поради, како што јавија официјалните лица, зајакнати разузнавачки активности.

Вучиќ вчера изјави дека нема причина за паника кога станува збор за таа ситуација, и дека дел од персоналот во Скопје ќе се врати следната недела, а останатиот дел во септември.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.