Балкан

Заев: Договорот со Бугарија ќе биде јавно објавен, ќе биде потпишан на 1 август

„Овој Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, го усогласивме, затоа што и од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја да затвориме прашање што непотребно одвлекува внимание и енергија", рече Заев

Admir Fazlagic  | 26.07.2017 - Обновена : 27.07.2017
Заев: Договорот со Бугарија ќе биде јавно објавен, ќе биде потпишан на 1 август

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција ги на јавноста и ги претстави деталите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој претходно го одобри Владата, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев посочи дека новата Влада на Републка Македонија се определи за активен реформски процес и за современи добрососедски односи базирани на европските вредности и рече дека денеска има за цел да објави дека Владата прави уште ден, како што рече, сериозен исчекор во перспективите за граѓаните и за Република Македонија.

„Владата, синоќа на седница, го прифати Извештајот за извршените преговори за текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, го прифати усогласениот текст на Договорот и донесе одлука да го потпишам Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Овој Договор е во согласност со националните интереси на Република Македонија. Овој голем чекор – како што впрочем и наведовме во Договорот, одговара на интересите на народите на Македонија и на Бугарија", рече премиерот Зав.

Според неговите зборови, Договорот е одраз на новиот дух на политики од генерација политичари на денешнината кои градат мостови, а не рушат, кои подаваат раце за да ги сплотуваат граѓаните, а не вртат грб за да ги делат. 

„И јас како премиер и новата Влада сме цврсто решени да водиме политики коишто решаваат проблеми, а не создаваат и не бегаат од нив", додаде Заев.

„Овој Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, го усогласивме, затоа што и од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја да затвориме прашање што непотребно одвлекува внимание и енергија наместо да ги насочува кон интересите на граѓаните на двете земји и нивните народи", истакна македонскиот премиер.

Осврнувајќи се на деталите од договорот премиерот Заев рече дека тој е основа за добросодедство и пријателство и ги наведе клучните области на договорот.

„Договорот ќе помогне за поврзување во патната и гасната инфрастуктура меѓу двете држави. Ќе ја унапреди размената на стоки, услуги и капитал. Трговската размена сега изнесува 500-600 милиони евра. Зошто да не биде 1 милијарда евра? Дава силен импулс на изградбата на Коридорот 8, за што, на самитот во Трст, Македонија доби грант од ЕУ од 70 милиони евра", потенцираше Заев додавајќи дека меѓудругото Договорот овозможува царински олеснувања и гранични олеснувања.

Со договорот, рече тој, ќе се поттикнеме и олесни заедничката европска иднина на младите од двете држави, како и економската соработка меѓу бизнисмените, што заедно, ќе придонесе кон економски развој на државите и поголема благосостојба на граѓаните.

„Исто така, застануваме заеднички против говор на омраза, национализам или какви било провокации и се обврзуваме дека заедно ќе ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите. Минатото и историјата, ги поставуваме како темел на иднината", истакна Заев.

На крајот, посочи дека успехот за постигнатиот Договор е заеднички и национален, на сите граѓани, на сите партии и на сите влади, бидејки оваа Влада го финализира процесот што е почнат од 2009 година од кога се одржани 10 заеднички состаноци на комисии меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Заев информираше дека во Парламентот имаше конструктивна дебата и затоа очекува опозицијата да учествува и во заокружувањето на процесот, и да даде поддршка на Договорот.

Премиерот Заев информираше дека потпишувањето на договорот ќе се одржи на 1 август, по што истиот ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.