Балкан

Заев-Рама: Македонија и Албанија со визија за иднината на регионот во ЕУ и НАТО

Премиерите Заев и Рама, по завршувањето на заедничка владина седница, одржаа заедничка прес-конференција на којашто зборуваа за соработката меѓу Македонија и Албанија, процесот на евроатлантските интеграции, регионалната соработка ...

Fatjon Cuka  | 15.12.2017 - Обновена : 17.12.2017
Заев-Рама: Македонија и Албанија со визија за иднината на регионот во ЕУ и НАТО (Foto: Dhorjela Cule / AA)

Albania

ПОГРАДЕЦ (АА) - Владата на Република Албанија и Република Македонија денеска во Поградец одржа прва заедничка седница, при што беа потпишани неколку меморандуми, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот на Македонија , Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама, по завршувањето на заедничка владина седница, одржаа заедничка прес-конференција на којашто зборуваа за соработката меѓу двете земји, процесот на евроатлантските интеграции, регионалната соработка и бројни прашања од заеднички интерес.

Премиерот Заев го оцени заедничкиот владин состанок како историски, за кој рече дека отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји.

„Ова е повеќе за нас од порака во регионот. Пораката значи дека одговорните политички раководства на Република Македонија и Република Албанија ја добија честа од своите граѓани да ги водат државите, но одлучија да предводат напред без предрасуди. Носиме одлуки храбро затоа што сме чисти пред себе и пред граѓаните. Работиме искрено, транспарентно и отворено. Работиме да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните на нашите земји и за добра и безбедна иднина на нашите држави во евроатланското семејство. Интеграциите во ЕУ и НАТО не се само политичка определба, туку економска потреба за граѓаните на нашите две држави. Работиме на создавање на регионална економска зона", истакна Заев.

Премиерот на Албанија, Рама, истакна дека за време на состанокот се разговараше за амбицијата за пристаништето во Драч да биде пристаниште со пристап за Македонија, со цел, како што рече, да се интензивира трговијата од ова пристаниште.

„Изградбата на интерконективната линија од 400 киловати, што е проект добиен со Берлинскиот процес, е силна причина да бидеме оптимисти во однос на интеграцијата на енергетскиот пазар меѓу двете земји, како и во регионот. Земајќи го во предвид трендот на растот на трговијата и туризмот во последниве години од Македонија, ние ќе работиме за до вториот состанок да ја имаме првата заедничка царинска точка и премин во Ќафасан. Му благодарам на премиерот за иницирање на законот за јазиците во парламентот и одржување на големо ветување за албанскиот јазик. Со нетрпение очекуваме законот да се одобри и да се спроведе што побргу, бидејќи тоа е уште едно големо зајакнување на темелите на модерната Македонија", рече Рама.

Албанскиот премиер исто така изјава дека на состанокот се разговараше и за Охридскиот рамковен договор, додавајќи: „Ние сме многу охрабрени од визијата и волјата на премиерот Заев да го унапреди и заврши ова поглавје со имплементација на Охридскиот договор, кој е камен-темелник за зајакнување на демократијата и за подобрување на благосостојбата каде и да живеат Албанците, бидејќи става крај на една приказна во која минатите конфликти се закануваат да ни се вратат како пречки на патот кон иднината”.

Двете земји потпишаа неколку меморандуми за разбирање во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот, меморандум меѓу министерствата за внатрешни работи за зајакнување на внатрешните контроли, за соработка во областа на архивите, додека утре Рама и Заев ќе ја посетат општина Пустец.

Инаку, денешната меѓувладината седница одржана во Поградец е прва работна средба од тој вид меѓу двете држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.