Балкан

Иванов – Иваниќ: Односите меѓу Македонија и БиХ се најдобри во регионот

„Мислам дека односите меѓу БиХ и Македонија се можеби и најдобри во регионот. И во минатото и во овој понов период, нема ниту едно единствено прашање за кое БиХ и Македонија имаат различни погледи“, рече Иваниќ

Admir Fazlagic  | 19.04.2017 - Обновена : 20.04.2017
Иванов – Иваниќ: Односите меѓу Македонија и БиХ се најдобри во регионот Admir Fazlagic/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - По денешната заедничка средба на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Младен Иваниќ, тие одржаа заедничка прес-конференција на која односите меѓу Република Македонија и БиХ ги оценија како најдобри во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Иванов истакна дека со претседавачот со Претседателството на БиХ имаа содржајна и одлична средба на која, како што рече, разговарале за сите прашања од заеднички интерес на двете земји. Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу двете држави коишто, како што рече, ги карактеризираат традиционално силно пријателство, идентични ставови за развојот на меѓународната и регионалната соработка, со заеднички стратегиски цели: мирот и стабилноста во регионот, членството во европските и во евроатлантските структури.

„Република Македонија континуирано, на сите можни начини, отворено и јасно ја дава поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ. Го поздравуваме напредокот во процесот на евроинтеграцијата и очекуваме дека наскоро БиХ ќе ги предаде одговорите на прашалникот, по што ЕУ ќе даде позитивно мислење за членство на БиХ во Европската Унија“, рече Иванов.

Иванов додаде дека со Иваниќ размениле мислења за состојбите во регионот, при што констатирале дека евроинтеграциите на државите од регионот се од суштинско значење за стабилноста на целиот регион, како и за неговиот развој и просперитет. Според претседателот Иванов, од приоритетно значење е отворањето на поглавјата 23 и 24 за сите земји од регионот што не дел од ЕУ. Поглавјата, рече тој, се однесуваат на сферата на правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста.

Меѓу другото, Иванов рече дека размениле ингормации за актуелната состојба во БиХ и во Македонија.

„Го запознав Иваниќ за случувањата по изборите што ги имавме на 11 декември. За правната и политичката пречка којашто е создадена за определување на мандат за состав на владата на Македонија. Го запознав за постизборната платформа којашто е на некон начин, политичка пречка и спротивна на нашиот Устав и на Охридскиот договор. Таа платформа ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност од друга држава, со што се загрозува суверенитетот, самостојноста и унитарноста на државата“, истакна претседателот Иванов и додаде дека заеднички се согласиле дека, како што рече, ваквото мешање во внатрешните работи во Република Македонија е поттик за реализација на големи националистички идеи и дека на регионот му е најпотребно намалување на тензиите и промена на реториката што е застапена во последно време во целиот регион.

Македонскиот претседател се осврна и на економската соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина, за што рече дека БиХ е на листата на 20 најголеми економски партнери на Македонија. „Трговската размена меѓу двете земји“, рече Иванов, „засега изнесува околу 155 милиони евра, при што има избалансирана размена“.

Претседавачот на претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, го изрази своето задоволство од посетата во Македонија, истакнувајќи дека односите на двете земји се најдобри во регионот.

„Мислам дека односите меѓу БиХ и Македонија се можеби и најдобри во регионот. И во минатото и во овој понов период, нема ниту едно единствено прашање за кое БиХ и Македонија имаат различни погледи и мислам дека тоа е еден од примерите за исклучително добра соработка и меѓусебно почитување“, рече Иваниќ на заедничката прес-конференција со претседателот Иванов.

Тој итакна дека Македонија и БиХ имаат заедничка цел, приближување кон ЕУ, за што рече дека од ЕУ очекуваат поголема поддршка, не само во финансиска, туку многу повеќе во институционална и политичка смисла.

„БиХ силно ќе биде присутна во Македонија, особено оваа година, на бројни културни настани кои ќе имаме можност да ги видиме. Ќе работиме заедно на отворање на директна авиолинија Сараево - Скопје. Се надевам дека ќе го потпишеме и Договорот за патување со лични карти и сето тоа ќе ја поттикне нашата навистина добра соработка“, рече Иваниќ.

Исто така, тој изјави дека го запознал претседателот Иванов за состојбата во регионот, за која рече дека има многу позитивни, но и некои помалку позитивни настани.

Како позитивно го оцени приближувањето на БиХ кон ЕУ и изрази верување дека до крајот на оваа година или на почетокот од следната, БиХ ќе добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Според него, позитивно е тоа што во БиХ е постигната согласност околу реформата за одбрана и околу структурата за вооружените сили во БиХ, што е од особено значење за државата.

- Иваниќ: Никогаш не е добро кога судбината на една земја се врзува со судбината на друга земја

На новинарско прашање во врска со актуелната политичка состојба во Македонија и можноста за доделување на мандатот за формирање Влада во Македонија, претседателот Иванов одговори дека сѐ уште постои правна и политичка пречка за доделување за мандатот и додека тие пречки не бидат отстранети, нема да биде доделен мандатот за формирање Влада.

На новинарско прашање во врска со платформата на албанските политички партии во Република Македонија, со која се бара унапредување на правата на Албанците во Македонија, претседавачот на Претседателството на БиХ рече дека нема детални информации во врска со таа платформа.

„Не сум детално запознаен со таа платформа, но знам едно, дека никогаш не е добро кога судбината на една земја се врзува за која било друга земја. Како некој кој доаѓа од БиХ, тоа го знам многу добро. Знам дека во минатото меѓународните институции имаа многу јасен став кога имаше обид од Белград или Загреб да се влијае на нешто во БиХ, тоа наидуваше на осуда. Секој проблем на секоја земја, треба да се решава во рамките на таа земја“, смета Иваниќ.

Меѓу другото, денес во Скопје се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави.

На вториот ден од посетата ќе се одржи бизнис форум со учество на стопанственици од Република Македонија и од Босна и Херцеговина, на кој свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и претседавачот со Претседателството на БиХ, Иваниќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın