Балкан

Иванов-Радев: Односите на Македонија и Бугарија да бидат пример за Балканот

„Реални се можностите Република Македонија за време на бугарското претседавање да ги отпочнат преговорите за членство во ЕУ и реално е да очекуваме покана за членство во НАТО на самитот кој ќе биде летово", рече Иванов

Admir Fazlagic  | 16.02.2018 - Обновена : 17.02.2018
Иванов-Радев: Односите на Македонија и Бугарија да бидат пример за Балканот (Foto: Besar Ademi/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов го прими неговиот бугарски колега, претседателот Румен Радев, со кој по заедничката средба порачаа дека сакаат односите на двете земји да бидат пример на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).

По средбата на делегациите на двете земји предводени од претседателите на Македонија и Бугарија, Радев и Иванов, двајцата претседатели одржаа заедничка прес конференција. Претседателот Иванов рече дека посетата на претседателот Радев е потврда за блискоста и потврда за взанемна посветеност за констуктивно унапредување на билатералните односи.

Претседателот Иванов истакна дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што неодамна го потпишаа владите на Македонија и Бугарија, создава амбиент за поголема соработка.

„Сакаме нашите односи да бидат пример за односи меѓу државите на Балканот со цел продлабочување на добрососедските односи. На денешната средба со претседателот Радев, разговаравме за кои области имаме постигнато најмногу доверба, меѓусебна, најмногу потпишани догоори во кои области постои взнаемен интерес, а тоа е пред се во сферата на одбраната", рече Иванов.

Тој истакна дека мигрантската криза покажа дека постои неопходна потреба за размена на информации, во сфера на разузнавањето, бидејќи како што рече, постојат големи закани, на кои треба да им се спротивстави заеднички, да се делува во превенција на можни закани за целиот регион.

„Затоа ја отворивме темата, да иницираме склучување на Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Бугарија, таков договор Македонија веќе веќе го има со САД и Турција. Сметаме дека овој договор ќе ја потврди определбата за блиски односи меѓу нашите две земји, што веќе е постигнато со Договорот за пријателство", изјави Иванов.

- Реални се можностите Македонија да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ - 

Со претседателот Радев, рече дека разговарале и за новата Стратегија на ЕУ за проширувањето што, според неговите зборови, во голема мерка е заслуга на Бугарија.

„Реални се можностите Република Македонија за време на бугарското претседавање да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ и реално е да очекуваме покана за членство во НАТО на Самитот кој ќе биде летово. Ја поздравувам иницијатива на Бугарија да ги помогне европските и евроатланските интеграции", потенцираше Иванов.

Тој информираше дека со бугарскиот колега разговарале и за регионална соработка, потсетувајќи дека Македонија и тој лично ќе бидат домаќини на Брдо Бриони процесот во април месец, кога, како што рече, очекува и придонес на Бугарија во оваа регионална соработка бидејќи се совпаѓа во период кога Бугарија претседава со Европскиот совет.

Освен тоа, Иванов информираше дека на средбата се разговарало за инфраструктурно поврзување и регионалната соработка. Напомена дека во тој контекст е многу вжен Коридорот 8 и железничко поврзување, но и градење на автопатишта и патна инфраструктура.

На новинарско прашање за спремноста на двете страни да определат комисии кои ќе ги определат празниците кои заедно ќе ги слават Македонија и Бугарија, претседателот Иванов одговори дека и за тоа прашање разговарале со претседателот Радев, како и дека смета оти е потребно Договорот за пријателство да се гледа од аспект на иднината на двете земји.

Бугарскиот претседател Румен Радев ја поздрави иницијативата на својот македонски колега за потпишување нов договор за стратешко партнерство, истакнувајќи дека тоа ќе придонесе за поголема безбедност за сите во регионот.

„Имаме историска можност да скршиме еден парадокс во нашите односи, тие се пријателските, семејните и сите други односи меѓу луѓето од двете страни на границата. Од друга страна, недостасува доволната политичка доверба. Мислам дека тоа сега ќе остане во историјата и од голема важност е да имаме редовни и блиски контакти на високо политичко ниво”, рече Радев.

Радев изјави дека бугарското претседавање со Европската унија (ЕУ) обезбедува историска можност за сите земји во регионот за европска перспектива.

„Во однос на перспективите за европска и евроатланска интеграција на Македонија, Бугарија отсекогаш била еден од најсилните поддржувачи на оваа перспектива. Но, се разбира, има многу што треба да се направи во различни области, додека Македонија секогаш може да смета на подршката на Бугарија за експертск помош и било каква друга помош во сите области”, рече Радев.

- „Потпишаниот договор меѓу двете земји го уништи скептицизмот” -

Радев го истакна активниот дијалог помеѓу Бугарија и Македонија од 2017 година, нарекувајќи го поактивен од кога и да е во историјата, кој резултираше со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„Со претседателот Иванов констатиравме дека само неколку месеци по потпишувањето на овој важен договор, ја зголемивме размената на стоки и туристичкиот промет. Важно е овој договор го уништи скептицизмот, недовербата и стравот во односите меѓу нашите две земји”, рече Радев.

Бугарскиот претседател истакна дека овој договор потпишан помеѓу двете соседни земји не треба да остане само збор напишан на хартија, туку да биде континуиран процес што треба да се унапреди.

- „Европската перспектива на Македонија зависи од третирањето на нашето заедничко минато” -

Во врска со изготвувањето на експертски комисии меѓу двете земји, Радев рече дека двете страни работат интензивно. Тој истакна дека од голема важност е Комитетот за историски прашања и образование што е можно поскоро да процени дали има контроверзни прашања меѓу двете соседни земји и како тие можат да се решат.

„Ние имаме заедничко минато, а од самото третирање на минатото зависи европската перспектива на Македонија. Ние недвосмислено докажавме дека две земји кои имаат заедничко минато може да ги решат проблемите за да имаат заедничка иднина. Значи, кога работиме на нашето минато, да не заборавиме дека општа цел е нашата иднина”, рече Радев.

- „Новото име да не содржи географска одредба што е дел од територијата на Бугарија” -

Запрашан за спорот за името меѓу Македонија и Грција, дали Бугарија ќе наметне санкции за Македонија ако не се согласува со новото потенцијално име, бугарскиот претседател истакна дека неговата земја не дискутира за какви било санкции против неговата соседна земја.

„Решението за името ќе се постигне со искрени разговори и преговори кои што се одвиваат меѓу двете земји, Македонија и Грција. Но, разбирливо е дека овие разговори влијаат врз нас, бугарската страна. Јасно изјавивме дека нашата определба е новото име да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија”, рече Радев, изразувајќи надеж дека ќе се најде разумно решение во интересот на двете страни.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.