Балкан

Иванов-Јункер: Евроинтеграциите на РМ во фокусот на разговорот

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна“, рече претседателот Иванов

Admir Fazlagic  | 25.02.2018 - Обновена : 25.02.2018
Иванов-Јункер: Евроинтеграциите на РМ во фокусот на разговорот (Фото: Кабинет на претседателот на Република Македонија)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопштија од кабинетот на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, на средбата било разговарано за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на евроатлантските интеграции, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.

Во соопштението се наведува дека претседателот Иванов изразил благодарност за поддршката на претседателот на ЕК, Јункер, за европската перспектива на Република Македонија, која претставува највисока стратешка надворешно-политичка цел, како и за неговата заложба за зајакнување на европскиот ангажман на Балканот како инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа.

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна“, рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси, преку соодветното вреднување на напредокот на Македонија, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

Претседателот Иванов ја нагласил неопходноста од фер и објективен пристап за Република Македонија, во однос на отпочнување на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

Меѓу другото, се соопштува дека, претседателот Иванов позитивно ја оценил Стратегијата за Западен Балкан, промовирана од страна на Јункер и истакнал дека со документот којшто претставува јасна порака во кој се изразуваат очекувањата од кандидатите за членство во ЕУ, уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

Во однос на добрососедските односи, претседателот Иванов ги реафирмирал напорите на Македонија за унапредување на односите со сите соседи и за поголема регионалната соработка, со цел стабилен, безбеден и просперитетен регион.

„Во тој контекст, македонскиот претседател порача дека изјавите на одредени политички лидери од регионот влијаат дестабилизирачки, не помагаат кон градење на добрососедски односи во регионот и не се европски", соопштуваат од кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Претходно, претседателот на ЕК, Јункер, кој беше придружуван од еврокомесарот Јоханес Хан, се состана со премиерот на Република Македонија Зоран Заев со кој одржа заедничка прес конференција. Денеска, по посетата на Македонија, Јункер заминува во Албанија, каде ќе освари средби со државниот врв.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.