Балкан

Мостар: Одбележани 13 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

„Претседателот Борис Трајковски беше човек кој се залагаше за широка соработка во регионот. Неговите пораки живеат и денес"

Gordana Šimovic  | 26.02.2017 - Обновена : 26.02.2017
Мостар: Одбележани 13 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Mostar

МОСТАР (АА) - Со положување венци пред Спомен-обележјето на ридот Матиќ над Мостар, денес е одбележана 13-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски, кој заедно со соработниците и членовите на екипажот загина во авионска несреќа на пат кон Мостар на Меѓународната инвестициска конференција, јавува Anadolu Agency (AA).

Со положување венци, почит на трагично загинатиот претседател му оддадоа раководството на градот Мостар, заедно со претставниците на повисоките нивоа на власта во Босна и Херцеговина и на дипломатскиот кор од БиХ и од Република Македонија, со голем број здруженија на Македонците од БиХ и од регионот.

Заменикот на македонскиот министер за економија, Христијан Делев, нагласи дека претседателот Трајковски се залагаше за широка поддршка на регионот.

„Претседателот Борис Трајковски беше човек кој се залагаше за широка соработка во регионот. Неговите пораки живеат и денес", рече Делев.

Претседателката на Здружението на Македонците „Браќа Миладиновци“ од Сараево, Емица Ниами-Албантиќ, истакна дека претседателот Трајковски беше маркантна личност во регионот, ценет од сите.

„Тринаесет години по несреќата ние уште се сеќаваме на неговиот лик, се сеќаваме на неговите дела. Тој беше човек со широк поглед, тој беше човек кој не мислеше само за Република Македонија, туку и за целиот регион. Човекот кој имаше идеја да го обедини регионот економски. Тој беше за соработка, човек кој имаше широк дијапазон на мисли и зборови“, рече Ниами-Албантиќ.

Градоначалникот на Мостар, Љубо Бешлиќ потсети дека Трајковски загинал при пристигнувањето во пријателска посета на Мостар со намера преку инвестициската конференција да се зајакнат односите и да се создадат економски можности за граѓаните на Босна и Херцеговина и на Македонија.

„Оваа трагедија секоја година нè потсетува на овој тажен настан, но, исто така, би рекол дека секоја година се додава еден нов камен во мостот на пријателски односи што претседателот Трајковски почна да го гради“, рече Бешлиќ.

Тој истакна дека оваа трагедија се случила како резултат на човечка грешка и дека она што поминало не може да се поправи, но дека може да се градат подобри односи.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.