Балкан

Одбележување на христијанскиот празник Водици: Бобан Павловски го фати крстот во Скопје

Павловски по искачувањето на мостот „Слобода“, на сите граѓани им посака многу здравје, среќа и бериќет, а од покровителите на манифестацијата доби икона, златник и други подароци

Ivana Ramadanova  | 19.01.2017 - Обновена : 20.01.2017
Одбележување на христијанскиот празник Водици: Бобан Павловски го фати крстот во Скопје ( Besar Ademi - Anadolu Agency)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Охриѓанецот Бобан Павловски денес во водите на Вардар во Скопје успеа го фати крстот, што го положи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, јавува Anadolu Agency (AA).

Павловски по искачувањето на мостот „Слобода“, на сите граѓани им посака многу здравје, среќа и бериќет, а од покровителите на манифестацијата доби икона, златник и други подароци. „Сите да скокаат за здравје, посакувам к’смет и бериќет“, порача Павловски.

Пред големиот број собрани граѓани, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан порача дека верските празници треба да нѐ потсетат како живееме и како постапуваме кон себеси и кон другите, да ги измијат сите лоши мисли и да донесат духовно освежување за да можеме да создаваме дела достојни за нашето човечко постоење.

Според организаторите, оваа година за фаќање на крстот во Скопје беа пријавени над 100 граѓани, а кум на манифестацијата беше Димитриј Јовановиќ.

На свеченоста присуствуваше и премиерот задолжен за спроведување на изборите, Емил Димитриев, како и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Традиционално, по повод христијанскиот празник Водици во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати крстот, според христијанското учење се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година.

- Одбележување на Водици и во регионот

Христијанскиот празник Водици се одбележа и во земјите во регионот. Студеното време и снежните врнежи не беа пречка за оние кои сакаа да ја испочитуваат традицијата и да скокнат по крстот.

- Србите скокнаа во ледената река по крстот

Голем број граѓани денес скокнаа по крстот на церемонијата одржана во Земунски кеј во Белград, а победникот во трката по крстот е професионалниот каскадер Синиша Ивановиќ.

Температурата на водата е речиси нула степени, додека на пладне температурата на воздухот во Белград беше минус еден.

Ивановиќ по излегувањето од заледениот Дунав за новинарите изјави дека водата е релативно топла и дека било ладно само во првите 10 секунди.

„Кога можат децата во Русија, можеме и ние. Денешниот ден е веќе ревијално одбележан. Сите сме победници, кој и да влезе во водата е победник“, изјави Ивановиќ за новинарите кога беше запрашан што било пресудно за победата. Бидејќи Дунав веќе со денови е замрзнат, разбиен е мал дел од мразот за пливачите да можат да влезат во водата, а беа пуштани на смена, по групи.

Големо внимание на јавноста во Србија вчера привлече и веста дека група момчиња од Шабац, кои секоја година пливаат по крстот, сами го разбивале мразот на Сава за денес, на Богојавление, да можат да пливаат.

- Подгорица: Раде Дабетиќ најбрз пливач во ладната Морача

Раде Дабетиќ е победник на пливањето по крстот по повод христијанскиот празник Водици, кој според Јулијанскиот календар се одбележува на 19. јануари.

Натпреварувањето по Чесниот крст се одржа на устието на реката Рибница во Морача, во Подгорица.

Победникот во пливањето и освојувач на крстот Раде Дабетиќ изјави дека денешното учество било прво во неговиот живот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.