Балкан

Попоски: Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион

„Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но исто така занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации", изјави министерот Попоски

Admir Fazlagic  | 24.03.2017 - Обновена : 25.03.2017
Попоски: Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера ги имаше првите директни средби во Белата Куќа, со претставници на новата администрација на претседателот Доналд Трамп. За време на неговата посета на Вашингтон, каде престојуваше на самит посветен на борбата против ДЕАШ организирана од државниот секретар Рекс Тилерсон, Попоски се сретна со претставници на Советот за национална безбедност на Трамп, како и со претставници на Стејт Департментот и повеќе конгресмени, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Средбите се пред се во насока на воспоставување на директна комуникација со новата администрација во Вашингтон на претседателот Трамп. Во овој контекст е многу значајно што обезбедуваме поддршка од поголем број на конгресмени кои имаат значајна македонска заедница во областите каде се избрани. Во оваа насока сметам дека и во Конгресот и во новата администрација во Белата куќа и Стејт Департментот најзначајно ќе биде Македонија да се најде на агендата за поддршка во остварување на нашите стратегиски цели", изјави Попоски за Македонската Телевизија.

- „Значајно е Америка да остане ангажирана во нашиот поширок регион"

Според Министерот Попоски, главни теми на разговорите биле состојбата во Македонија и регионот, како и начините на подобрување на американско-македонските односи. Попоски ја истакнал потребата од американски ангажман во регионот и од зачувување на стабилноста на Македонија.

„Значајно е Америка да остане ангажирана во нашиот поширок регион. Разговаравме секако и за регионалниот контекст, за потребата за стабилизирање на целиот регион и одржување на перспективите за интегрирање во регионот. Она што е значајно и од наш аспект е да ги запознаеме со сите напори кои ги имаме направено во изминатиот период за подобрување на регионалната клима и зголемување на соработката со сите наши соседи. Македонија впрочем е докажано дека е фактор за стабилност. Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но исто така занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации. Тоа е нешто што не е нити наш регионален, нити македонски интерес, уште помалку американски интерес", додаде Попоски.

Во Конгресот, Попоски се сретнал со некои од конгресмените Дејв Трот од Мичиген и Бил Паскрел од Њу Џерси. За време на посетата на Вашингтон, Попоски се сретнал и со претседателот на Националниот демократски институт Кенет Волак, како и со Македонците кои живеат во Вашингтон, а присуствувал и на трибина за Македонија организирана од Коалицијата на Југоисточна Европа во седиштето на Обединетата Македонска Дијаспора.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.