Балкан

Претседателот Иванов и министерот Димитров на Самит во Дубровник

Денес и утре, во хрватскиот град Дубровник се одржува Самитот на шефови на држави и влади на земјите-учеснички во ПСЈИЕ

Admir Fazlagic  | 30.06.2017 - Обновена : 30.06.2017
Претседателот Иванов и министерот Димитров на Самит во Дубровник

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Денес и утре, во хрватскиот град Дубровник се одржува Самитот на шефови на држави и влади на земјите-учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). По повод учеството на овој самит, во работна посета на Хрватска ќе престојува претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, Иванов ќе има свое обраќање на пленарната сесија на Самитот на земјите-учеснички во ПСЈИЕ и ќе оствари билатерална средба со претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ. За утре, најавено е претседателот на Република Македонија да учествува и ќе се обрати на „Дубровник форум 2017“, кој се одржува на темата „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички во ПСЈИЕ.

Според соопштението од МНР, Димитров во своето обраќање на состанокот ќе ги изнесе погледите на Република Македонија во однос на актуелните случувања во регионот и нивното влијание врз целокупната соработка, како и начините за унапредување на соработката, особено во форматот на ПСЈИЕ.

Се очекува министерот Димитров утре да учествува на дванаесеттиот по ред традиционален „Дубровник форум“ насловен „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“, информираат од ресорното министерство.

На Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Република Хрватска, најавено е учеството на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа (South East Europe Cooperation Process - SEECP) е првата автохтона регионална иницијатива воспоставена во 1996 година, со цел јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирање на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против нелегалните активности. Целта на оваа регионална иницијатива е преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето мир во регионот, да се овозможи побрзо приближување кон ЕУ и НАТО.

Полноправни земји-учеснички во ПСЈИЕ се: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Грција, Република Македонија, Романија, Република Србија, Република Турција, Република Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Република Словенија и Република Косово. Република Македонија се третира како земја основач.

Претседавањето со оваа регионална иницијатива е ротирачко меѓу сите земји-членки, со времетраење од една година. Изминатава година со ПСЈИЕ претседаваше Република Хрватска, а следното претседавање, кое започнува од јули 2017 година, го презема Република Словенија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.