Балкан

Приштина: Осветена католичката катедрала Мајка Тереза

Мајка Тереза е родена како Агнеса Гонџа Бојаџи во Скопје, на 26 август 1910 година, и почина во Калкута, на 5 септември 1997 година

Zülfiya Yakup  | 05.09.2017 - Обновена : 06.09.2017
Приштина: Осветена католичката катедрала Мајка Тереза

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - На 20-годишнината од смртта на големата хуманистка со албанско потекло Мајка Тереза, која минатата година во Ватикан беше прогласена за светица, денес во Приштина беше осветена католичката катедрала која го носи нејзиното име. Церемонијата на осветување ја предводеше албанскиот кардинал Ернест Симони, специјалниот пратеник на папата Франциско, заедно со косовскиот бискуп Дод Ѓерѓи, јавува Anadolu Agency (AA).

Во и надвор од катедралата Мајка Треза беа присутни голем број верници и гости, меѓу кои и претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот во заминување Иса Мустафа, претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, лидерите на политичките партии Рамуш Харадинај, Висар Имери, Мимоза Кусари-Лила, голем број министри и пратеници, семејството на поранешниот претседател на Косово, Ибрахим Ругова, кој го постави камен-темелникот за изградба на катедралата во 2005 година, како и претставници на други верски заедници.

На почетокот од церемонијата беше благословена водата на влезот во катедралата, а потоа поворка предводена од кардиналот Симони влезе во катдралата, каде што следуваше верскиот обред на осветување, а беше извршена и причест.

Кардиналот Ернест Симони на присутните им се обрати на албански јазик велејќи, покрај останатото, дека хуманистката света Мајка Тереза била исполнета со љубов кон Исус Христос и дека е пример за целото човештво.

„На овој ден треба да се молиме, треба да го молиме голем Господ за сѐ што ни даде. Оние кои давале во добротворни целив да не размислуваат за тоа, благодатот е меѓу најмоќните доблести на религијата“, изјави кардиналот.

Пред крајот од церемонијата, косовскиот претседател Хашим Тачи разговараше со присутните, велејќи дека катедралата е божја куќа, но и куќа на сите граѓани на Косово. Тачи истакна дека во косовската традиција не постои поделба меѓу цркви, џамии, манастири или гробови. Косовскиот претседател посака катедралата во Приштина да биде потсетување на сите на Мајка Тереза, и додаде дека албанскиот народ треба да се гордее со две големи личности, Ѓерѓ Кастриот Скендербег и света Мајка Тереза.

Меѓу верниците во катедралата беше Гретa Кацинари од Приштина, која потсети дека 5 септември, во чест на Мајка Тереза бил прогласен за Ден на добротворството.

„Ова е голем ден, не само за Косово, бидејќи Мајка Тереза е мајка на целиот свет, а исто така и наша и на целиот Балкан. Сето ова е поврзано со медијацијата како што веруваме, и длабоко веруваме дека тоа е специјално залагање, не само за нашата нација, туку го посвети животот на секој“, вели Кацинари.

И за Вера Никај ова е многу радосен ден.

„Ќерката на албанскиот народ постигна целиот свој живот да го посвети на хуманитарна работа, болните, сиромашните. Многу сум горда што нашиот народ ја има“, вели Никај.

Поради церемонијата на осветување имаше големо полициско обезбедување околу катедралата, а околните улици беа блокирани.

Изградбата на катедралата „Мајка Тереза“ започна во 2005 година и беше отворена во 2010 година.

Мајка Тереза е родена како Агнеса Гонџа Бојаџи во Скопје, на 26 август 1910 година, и почина во Калкута, на 5 септември 1997 година. Во 1950 година, индискиот град Калкута го основа католичкиот сестрински ред Мисионерки на љубовта. Повеќе од 45 години им служеше на сиромашните, болните, на сираците и на оние кои умираа.

Во 1979 година, Мајка Тереза за својата хуманитарна работа ја доби Нобеловата награда за мир.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.