Балкан

Спасовски: Безбедносната состојба во државата е стабилна

„Безбедносната состојба во државата е стабилна. Намалени се кривичните дела и прекршоците“, истакна Спасовски уверувајќи дека полицијата е целосно подготвена за локалните избори

Admir Fazlagic  | 12.09.2017 - Обновена : 13.09.2017
Спасовски: Безбедносната состојба во државата е стабилна (Фото:Архива/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, денеска одржа прес-конференција на којашто информираше за работата на министерството што го предводи тој, во првите сто дена од Владата на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Во отчетот за изминатите сто дена, Спасовски посочи дека МВР почна да ги спроведува реформите од Планот 3-6-9. Во фокусот се реформите на разузнавачките служби, борбата против организираниот криминал и справувањето со мигрантите.

„УБК мора да биде професионализирана, департизирана и транспарентна. Формиран е Национален комитет за спротивставување со насилниот екстремизам и радикализам. Почната е и постапка за операционализација на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал. Ќе учествуваат и Финасиската полиција, УЈП, Управата за финасиско разузнавање, Царината и Јавното обвинителство. Треба да ги ловат криминалните групи што дејствуваат во земјава, но и во меѓународни рамки. Почната е реформата за следење на комуникациите“, истакна ресорниот министер презентирајќи го отчетот.

Спасовски информираше дека е формирана и специјална единица за борба против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти. Тој рече дека е изработен и нов Закон за азил и доставен до ЕУ на оценување, а во завршна фаза е и Законот за странци.

Меѓу другото, Спасовски ја информираше јавноста дека МВР ги намали трошоците за репрезентација, дека е започната постапка за набавка на униформи за полицајците, и оти ќе се набават уште 40 возила.

„Безбедносната состојба во државата е стабилна. Намалени се кривичните дела и прекршоците“, истакна Спасовски. Во изминатите 100 дена, како што информираше тој, МВР разбила 23-члена криминална група што криумчарела мигранти, решила 4 од 5 убиства, запленила 240 килограми разни наркотици.

Тој изрази уверување дека полицијата е целосно подготвена за локалните избори. Како што рече министерот, на оперативно ниво ќе се дејствува за обезбедување фер и мирни избори. За прекршителите, министерот Спасовски најави строги казни.

- „Плодна меѓународна полициска соработка"

Спасовски посочи дека во изминатите сто дена остварил неколку билатерални средби со колеги од пријателски држави, на кои, како што рече, биле договорени конкретни начини на соработка. Тој истакна дека се сретнал и со голем број амбасадори, на кои им ја претставил визијата за тоа како треба да функционира МВР.

Спасовски потсети дека минатиот месец ја посети Агенцијата на Европската Унија за обуки за спроведување на законот – ЦЕПОЛ, во Будимпешта, и таму е потпишан работен аранжман меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и ЦЕПОЛ, со кој и формално се регулира оперативната соработка меѓу Агенцијата на ЕУ за обука на полициски служби и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Освен, тоа, Спасовски информираше дека утре ќе биде потпишан договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи со Босна и Херцеговина, а како што рече, во завршна фаза е и договорот со Сојузна Република Германија.

Министерот Спасовски истакна дека е за одбележување соработката за размена на информации во делот на недозволената трговија со дрога со турската полиција, полицијата на Косово, со претставници на италијанската и швајцарската полиција.

„Во насока на интензивирање на досегашната извонредна соработка во делот на интегрираното гранично управување, од исклучително значаен придонес е и добиената донација од милион евра од Владата на Република Чешка, наменета за материјално-техничко опремување на граничната полиција“, изјави Спасовски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.