Балкан

Спасовски: Ги осудуваме сите кршења на безбедноста на граѓаните и државата

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, на прес-конференција го осуди нападот со огнено оружје против поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров

Besar Ademi  | 01.06.2017 - Обновена : 02.06.2017
Спасовски: Ги осудуваме сите кршења на безбедноста на граѓаните и државата

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, на прес-конференција го осуди нападот со огнено оружје против поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, јавува Anadolu Agency (AA).

Спасовски истакна дека без оглед на мотивите, лутината и причините за нападот, правото на живот на секој граѓанин е неприкосновено право. Тој додаде дека во последните неколку години, системот на владеење на законот и правото се уништени како резултат на, како што рече, политизацијата на државните институции, по што граѓаните ја изгубиле довербата.

„Како министер за внатрешни работи, ги осудувам сите кривични дела и секое нарушување на безбедноста на граѓаните и државата. Но истовремено, ќе ги преземам сите неопходни активности со кои граѓаните повторно ќе ја вратат довербата во Министерството за внатрешни работи", рече Спасовски, додавајќи дека институцијата што ја води ќе ги преземе сите соодветни мерки за да се исчистат мотивите и последиците на денешниот инцидент.

Спасовски додаде дека државните институции мора да работат во интерес на заштита на граѓаните и да го почитуваат владеењето на правото. Тој апелираше до сите граѓани да не донесуваат одлуки со кои ќе го загрозат својот живот и животот на другите граѓани.

- Премиерот Заев го осуди нападот врз поранешниот министер Тодоров

Премиерот Зоран Заев денеска го осуди нападот врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

„Јас го осудувам ваквиот начин. Недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе, треба да си помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и, навистина, освен сериозна осуда и не дај Боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале, рече Заев.

- Груевски: Нападите врз ВМРО-ДПМНЕ не се случајни

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во врска со оружениот напад врз Тодоров изјави дека се работи за обид со умисла.

„Обидот за убиство беше недвосмислен, свиреп и со умисла. Пукано е од непосредна близина во главата на Никола Тодоров. Присебноста и брзата реакција во дел од секундата го спасија Тодоров од првиот испукан куршум, а реакцијата на полицијата од вториот испукан куршум. Овој обид за убиство не дојде ниту случајно ниту без подготовка на атмосфера за тоа", рече Груевски.

МВР претходно соопшти дека пред Министерството за здравство денеска напладне лицето Љ.С. (1957) од велешкото село Долно Каласлари испукал два проектила од пиштол кон поранешниот министер за здравство Тодоров, кој не е повреден по нападот.

Полициски службеници го привеле Љ.С. на местото на настанот, каде што е пронајдена една чаура. Шеесетгодишниот велешанец е дедо на Тамара која во февруари 2015-та на деветгодишна возраст почина додека чекаше лекување во странство.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.