Балкан

Судскиот совет при Хашкиот трибунал првостепено го осуди Младиќ на доживотен затвор

Ратко Младиќ е осуден на доживотна казна затвор поради геноцид, злосторства против човешноста, и кршење на закони и обичаи на војување

Almir Terzic  | 22.11.2017 - Обновена : 23.11.2017
Судскиот совет при Хашкиот трибунал првостепено го осуди Младиќ на доживотен затвор Nihad İbrahimkadiç/AA

Den Hag

САРАЕВО (АА) - Поранешниот генерал на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, денес пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ), беше првостепено осуден на доживотна казна затвор, јавува Anadolu Agency (AA).

Утврдено е дека тој е одговорен за геноцид извршен врз бошњачкото население во Сребреница, во 1995 година, за што постојат и други пресуди на меѓународните судови.

Младиќ е одговорен за тоа дека, почнувајќи од деновите кои претходеле на 11 јули 1995 година, па до 1 ноември таа година, учествувал во здружениот злосторнички потфат за елиминирање на босанските муслимани во Сребреница, со убивање на мажи и момчиња, со присилно одведување на жените, децата и дел од постарите мажи од тоа подрачје.

Се наведува дека на 11 јули 1995 година во Поточари се собрале околу 25.000 лица.

Припадниците на Војската на Република Србија, оцени Судскиот совет, убиле неколку илјади мажи и момчиња за само неколку дена, и тоа почнувајќи од 12 до 17 јули 1995 година. Убиствата се извршени на подрачјето на Сребреница, Зворник и Братунац. 

Обвинителството го товари Младиќ и за геноцид во шест босанскохерцеговски општини, и тоа Фоча, Кључ, Котор-Варош, Приједор, Сански Мост и Власеница, во текот на 1992 година.

Советот утврди дека голем број муслимани и Хрвати биле убиени и им биле нанесени телесни и душевни повреди во Сански Мост, Власеница, Корор-Варош, Фоча и Кључ.

Наведено е дека Младиќ се смета за одговорен за тоа што од 12 мај 1992 година до 30 ноември 1995 година учествувал во здружениот злосторнички потфат, кој имал за цел трајно отстранување на босанските муслимани и на босанските Хрвати од подрачјата во БиХ на кои босанските Срби полагале право, што во пресудата не е окарактеризирано како геноцид, туку како злосторства против човештвото.

Се наведува дека Младиќ ја сноси индивидуалната кривична одговорност преку учество во неколку здружени злосторнички потфати.

Исто така, тој се товари и на основа на кривичната одговорност на надреден, бидејќи знаел или имал причина да знае дека силите под негова ефективна контрола се подготвуваат да сторат злосторства или дека веќе ги сториле, а не презел мерки за да го спречи извршувањето на злосторства или да ги казни сторителите.

Утврдено е дека е одговорен и за злосторства против човештвото кои подразбираат прогонства, истребување, убиства, депортација и други нехумани дела.

Младиќ е прогласен за одговорен и за кршење на Законот или обичај на војување, што подразбира убивање, тероризирање, противправни напади на цивилите, земање заложници.

Наведено е дека меѓу останатото, голем број злосторства се случиле и во Бања Лука, Бјелина, Илиџа, Палама, во Нови Град, Рогатица, на Сокоч...

Утврдено е дека учествувал и во здружениот злосторнички потфат за започнување и спроведување на кампања на снајперско дејствување и гранатирање на цивилите во опколеното Сараево. Цел на овој потфат, наведува Судскиот совет, беше ширење терор меѓу цивилното население.

Младиќ е одговорен и за учество во земање за заложници на припадниците на ОН за да ги принуди НАТО да прекинат со воздушните напади на воените цели на војската на босанските Срби во мај и јули 1995 година.

Четвртото изменето обвинение на МКСЈ од 2011 година го товари Ратко Младиќ по 11 точки.

Советот на Трибуналот во Хаг го прогласи за виновен по 10 точки, вклучувајќи го и геноцидот во Сребреница. Ослободен е од одговорноста за геноцид во шест босански општини.

Тој е уапсен во Србија на 26 мај 2011 година, за време на мандатот на претседателот Борис Тадиќ. Во Хаг е префрлен на 31 мај, а судењето започна еден месец подоцна и траеше пет години.

За информацијата за лоцирање на Ратко Младиќ, Србија во 2007 година распиша награда од милион евра, а полицијата на Србија го лоцираше и го уапси шест години подоцна, во селото Лазарево кај Зрењанин, под лажно име.

За време на петгодишниот судски процес, сослушани се 377 сведоци и усвоени се речиси десет илјади доказни предмети. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın