Балкан

СЈО со четири нови предмети за финасиски криминал

СЈО на денешната прес-конференција објави дека се отворени четири нови истраги против четири лица за финансиски криминал и за затајување данок

Senada Ibraimova  | 23.03.2017 - Обновена : 24.03.2017
СЈО со четири нови предмети за финасиски криминал (Senada Ibraimova- Anadolu Agency)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на денешната прес- конференција објави дека се отворени четири нови истраги против четири лица за финансиски криминал и за затајување данок, јавувa Anadolu Agency (AA).

Новата истрага се однесува на периодот од 2008 до 2015 година, кога според СЈО, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии не само што не ги извршувале своите законски обврски, туку дозволиле поединци и други министерства да работат спротивно на законот.

„Со тоа овозможиле одредени физички и правни лица да се стекнат со имотна корист на сметка на Буџетот на Република Македонија“, истакна специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Таа пренесе дека СЈО има обезбедено материјални и вербални докази со кои, според нив, ќе се утврди на кој начин се перени пари во Буџетот, и како овие пари завршувале, како што вели таа, во приватни џебови на одредени високи функционери во власта и правни лица зад кои, исто така, се кријат високи функционери од власта.

Јанева додаде дека ова е само почеток на овие истраги, кои понатаму ќе се прошируваат за нови лица и за нови кривични дела.

„Во интерес на граѓаните на РМ, чии пари се злоупотребувани преку предизвикување штета на Буџетот на РМ, бараме Собранието на РМ да ја разгледа законската одредба којашто ја ограничува нашата работа и заеднички да изнајдеме соодветно законско решение, кое ќе овозможи до крај да ги истражиме кривичните дела што се во наша надлежност, а со цел остварување на мандатот и мисијата на ова јавно обвинителство“, порача Јанева.

Обвинителката Фатиме Фетаи ги претстави новите четири предмети од оваа истрага, при што нагласи дека содржината на прислушуваните материјали што ги поседува СЈО, како што вели таа, претставува сериозен извор на докази за сторени кривични дела на целата територија на РМ.

Првиот предмет т.н. „Табла“ од оваа истрага, се однесува на злоупотреба на службена положба од директор на централно основно училиште „Реџо Рушит – Зајас“ од село Зајас, дело сторено во 2006 година. Според доказите, кои наводно ги поседува СЈО, осомничениот, без постапка за јавна набавка, ја искористил својата службена положба и овластување, при што овозможил имотна корист од 200.000 евра за едно правно лице.

Второотворената истрага, односно предметот „Триста“, опфаќа дејствија од извршување на едно кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување. Фетаи пренесе дека постои основано сомнение оти ова дело е извршено од страна на помошник-министер во Министерството за внатрешни работи (МВР), а е во врска со јавна набавка на 300 возила, при што осомничениот го оштетил буџетот на РМ за износ од 453.570 евра.

Третиот предмет „Тотал“ се однесува на даночно затајување од страна на физичко лице, кое било сопственик и управител на неколку маркетинг агенции. Според СЈО, осомничениот и правните лица го избегнале плаќањето на даночните обврски во периодот од 2008 – 2015 година.

Предметот „Тифани“ опфаќа дејствија на извршување на едно продолжено кривично дело даночно затајување од страна на физичко лице, како сопственик и управител и единствен потписник на сметката на едно друштво за комуникации и консалтинг, како и друштво за комуникации и пропаганда.

Според СЈО, осомничената избегнала плаќање на даночните обврски и давала лажни информации во Управата за јавни приходи во периодот 2008 – 2015 година.

Фетаи пренесе дека осомничената користејќи ги правните лица, односно, преку фирмите набавувала предмети за лична употреба.

За ниту едно од осомничените лица не се бараат мерки за обезбедување на присуство, појаснија од СЈО.

Специјалното јавно обвинителство досега отвори истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Тарифа“, „Тенк“ и „Труст“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.