Балкан

Црногорците за ЕУ: На референдум за членство, 75 отсто би гласале за

Најновите резултати од истражувањата на агенцијата „Дефакто“, направени за потребите на Делегацијата на ЕУ во Подгорица, покажуваат дека граѓаните на Црна Гора имаат позитивен став за ЕУ

Adel Ömeragiç  | 17.01.2017 - Обновена : 18.01.2017
Црногорците за ЕУ: На референдум за членство, 75 отсто би гласале за

Podgorica

ПОДГОРИЦА (АА) - Најновите резултати од истражувањата на агенцијата „Дефакто“, направени за потребите на Делегацијата на ЕУ во Подгорица, покажуваат дека граѓаните на Црна Гора имаат позитивен став за ЕУ, бидејќи се работи за дури 61 отсто од граѓаните, број што никогаш не бил поголем, јавува Anadolu Agency (AA).

Негативен став за ЕУ имаат 27 отсто од граѓаните, а пак една третина сметаат дека ЕУ ќе опстане како заедница на земјите.

Претставувајќи ги резултатите од истражувањето, Оливера Комар од агенцијата „Дефакто“ изјави дека стабилно мнозинство од граѓаните го поддржуваат придружувањето на Црна Гора кон ЕУ.

„Овогодишното истражување е прво во кое над 60 отсто од граѓаните го поддржуваат членството на Црна Гора во ЕУ. Судејќи според добиените податоци, референдумот за влез на Црна Гора во ЕУ ќе биде резултатски неинтересен, бидејќи 75 отсто од оние што го поддржуваат членството би гласале „за“, изјави Комар.

Истражувањето покажа дека негативен став кон ЕУ имаат 27 отсто, а пак 12 отсто од граѓаните се без став во врска со ова прашање. Граѓаните сметаат дека членството во ЕУ ќе има позитивно влијание во секоја област од општествениот живот.

Истражувањето е направено во периодот од 18 ноември до 3 декември 2016 година и спроведено е на примерок од 1.008 испитаници.

Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, министерот за европски работи на Црна Гора, Александар Андрија Пејовиќ изјави дека Црна Гора бележи пораст од четири отсто кога станува збор за поддршката за ЕУ, во време кога во земјите на ЕУ постои криза.

„Во земјите-кандидати имаме пад на поддршката. Погледнете ја Турција, поддршката за ЕУ е најниско рангирана. Во Србија имаме флуиден однос, поддршката се движи од 40 до 50 отсто. Во Црна Гора имаме стабилен раст, во постојан пораст е. Фактот што 75 отсто од граѓаните би гласале за влез во ЕУ вели дека имам стабилна поддршка“, изјави Пејовиќ.

Аиво Орав, шеф на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, истакна дека стабилно мнозинство од граѓаните на Црна Гора веруваат оти членството на Црна Гора во ЕУ би било корисно, особено за младите, земјоделците и за невработените.

„Ова е важна порака за политичарите, без разлика дали се наоѓаат во владата или во опозиција. Резултатите покажуваат дека граѓаните се сѐ повеќе информирани за процесот на европските интеграции, но тоа не треба да значи дека треба да престанеме да работиме. Треба да се погрижиме сите граѓани да бидат информирани за поддршката што ја дава ЕУ. Во периодот до 2020 година, доделивме над 270 милиони евра како поддршка за реформите“, изјави Орав.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın