Балкан

ЦУК: Околу 200 пријави за штети од серијата земјотреси во охридско

Најчесто пријавувани штети има за срушени оџаци, напукнати и изместени преградни ѕидови и други површински оштетувања кои настанале од паднати предмети

Admir Fazlagic  | 04.07.2017 - Обновена : 05.07.2017
ЦУК: Околу 200 пријави за штети од серијата земјотреси во охридско (Foto: Besar Ademi/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Околу 200 пријави за штети од серијата земјотреси во охридско-преспанското подрачје имало во текот на денешниот и вчерашниот ден на телефонскиот број за итни повици на Центарот за управување со кризи , пренесува Anadolu Agency (AA).

Најчесто пријавувани штети има за срушени оџаци, напукнати и изместени преградни ѕидови и други површински оштетувања кои настанале од паднати предмети.

Центарот за управување со кризи соопшти дека денеска е одржана вонредна седница на Регионалниот штаб за управување со кризи во Охрид на која е донесена одлука да се продолжи со проверка на објектите во однос на конструктивната сигурност, да се даваат насоки и упатства за постапување на граѓаните при вакви ситуации, да се посетат локациите на кои самоиницијативно се сместени граѓани во шатори и да се извршат дополнителни контроли на исправноста на водата за пиење во епицентралните подрачја.

„Апелираме до граѓаните да останат смирени и присебни, да не се создава паника која би предизвикала деструктивно однесување од поединци, да не се подлегнува на гласини и шпекулации за евентуална евакуација и да се следат препораките и насоките дадени од надлежните институции", соопштуваат од Центарот за управување со кризи.

Додаваат дека за какви било дополнителни информации, граѓаните можат да се јават на бесплатните телефонски броеви на ЦУК - 195 и полиција - 192.

Инаку, за утре е закажана седница на Главниот штаб во Центарот за управување со кризи, на која ќе се расправа за моменталната состојба со серијата земјотреси и ќе се донесат заклучоци за натамошно делување.

Од 18 јуни до денеска во регионот на Охрид се регистрирани над 1.000 потреси. Најсилниот беше вчера напладне со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала, предизвика вознемиреност кај жителите и туристите, а пријавени се и помали материјални штети.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.