економија

Бизнис конфедерацијата на Македонија одбележа 15 години постоење

Од конфедерацијата велат дека овој јубилеј од 15 години постоење го одбележуваат со голема мрежа на членови, бројни проекти, партнерства со клучни меѓународни организации, како и со јасно дефинирани приоритети за подобрување на бизнис климата

Senada İbraimova  | 30.03.2017 - Обновена : 31.03.2017
Бизнис конфедерацијата на Македонија одбележа 15 години постоење ( Senada ibraimova/AA )

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Петнаесетгодишниот јубилеј на Бизнис конфедерацијата на Македонија денес беше одбележан со панел дискусија на тема „Подобра бизнис клима за бизнис независност и интегритет“, а пред почетокот, меѓу другите, со поздравни говори се обратија претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, како и министерот за финансии, Кирил Миновски, јавува Anadolu Agency (AA).

Од Конфедерацијата велат дека овој јубилеј од 15 години постоење го одбележуваат со голема мрежа на членови, бројни проекти, партнерства со клучни меѓународни организации, како и со јасно дефинирани приоритети за подобрување на бизнис климата во државата.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, во својата изјава истакна дека во изминатите години заедно со нивните парнери од меѓународните организации успеале да влијаат на подобрување на деловното опкружување во Македонија, од аспект на едукацијата, воспоставување социјален дијалог, како и примена на корпоративно корисни практики и целосна перцепција на можностите за раст и развој на бизнисот.

Во врска со влијанието на политичката криза во државата врз конфедерацијата, Бошков изјави: „Компаниите се секогаш во исчекување и тактизираат кога станува збор особено за новите инвестиции, или за новиот напредок, за новите освојувања на пазари. Така што, ние очекуваме дека политичката криза наскоро ќе заврши, како би можеле заедно и здружено да ја креираме новата економска политика“.

Како најпроблематични точки со кои се соочува стопанството Бошков ги издвои: недоволниот пристап до финансии на работодавачите, односно бизнисмените, честото менување на законите, невладеењето на правото, слабата претприемничка култура, како и корупцијата.

„За овие 15 години, Конфедерацијата одигра значајна улога во подобрување на бизнис опкружувањето, поттикнување на конкурентноста и деловната етика, развојот на дијалогот во бизнис заедницата и градењето на партнерски односи“, истакна во своето обраќање министерот за финансии, Кирил Миновски.

Тој додаде дека здравата економија и одржливиот економски раст се базираат на кондицијата и потенцијалот на приватниот сектор. Според него, приватниот сектор е, и треба да биде, основната и движечка сила на домашната економија, а како што рече, економските политики на владата се во функција на поддршка на приватниот сектор.

Организацијата на настанот е поддржана од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, што го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.