економија

Брегзит нема негативно да влијае на трговските односи меѓу Македонија и Британија

„Брегзит не може негативно да влијае на соработката со Македонија, единствено треба да се потрудиме рамката за слободна трговија којашто ја имавме воспоставено со ЕУ, да има ист профил и во иднина“

Bekim Laci  | 15.05.2017 - Обновена : 16.05.2017
Брегзит нема негативно да влијае на трговските односи меѓу Македонија и Британија Vedat Abdul/АА

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Излезот на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ), инаку познат како Брегзит, нема негативно да влијае на економските односи меѓу Македонија и Велика Британија, е оцената на Стопанската комора на Македонија (СКМ), која во рамките на бизнис-форумот во Скопје беше домаќин на голем број стопанственици од Стопанската комора на јужен Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседавачот со Собранието на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Антони Пешев, во изјава за медиумите рече дека денешниот форум со стопанствениците од Англија претставува продолжение на негувањето на економските односи, и оти денес се потпишува меморандум за разбирање што ќе ги зајакне позициите на македонските компании.

„Ако се анализира трговската размена“, рече Пешев, „ќе видиме една огромна нерамнотежа, но“, додаде тој, „голем дел од увозот од Велика Британија се репро материјали потребни за странските компании во Македонија, коишто се користат во производите што се извезуваат од Македонија на трети пазари“.

„Брегзит не може негативно да влијае на соработката со Македонија, единствено треба да се потрудиме рамката за слободна трговија којашто ја имавме воспоставено со ЕУ, да има ист профил и во иднина. И токму заради тоа, преку ваквиот тип на контакти и добрата соработка со коморите, може да се подобри и нашиот генерален однос кон Велика Британија, која е наш втор економски партнер после Германија“, изјави Пешев.

Извршниот директор Стопанската комора на јужен Лондон, Гери Мекдона, рече дека целта на доаѓањето во Скопје е да се истражуваат можностите за бизнис во Македонија, за што е дојден со делегација од 28 члена кои ја рефлектираат етничката и економската разновидност на британскиот главен град.

„Дојдовме заедно со стопанственици од медицинскиот и од фармацевскиот сектор, со луѓе од секторот на судската пракса, со сопствениците на хотели и ресторани, како и луѓе од прехранбената индустрија. Значи станува збор за широк спектар на активности, бидејќи нашата комора е мултидисциплинарна”, рече Мекдона, кој изрази уверување дека оваа посета ќе биде плодна.

Од СКМ велат дека трговската размена меѓу Македонија и Велика Британија е околу 1 милијарда долари, од кои увоз се околу 800 милиони долари, но, како што велат, 500 милиони се за суровина која им служи на домашните компании за производите што се извезуваат.

На денешниот форум, стопанствениците од Македонија ќе го отворат прашањето за либерализација на пазарот на трудот и либерализација на визниот режим.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.