економија

Во Скопје се одржа Македонско-турски бизнис форум

Денес во Скопје се одржува Македонско-турскиот бизнис форум на ИТ-секторот и здравствениот сектор

Furkan Abdula  | 20.04.2017 - Обновена : 21.04.2017
Во Скопје се одржа Македонско-турски бизнис форум Furkan Abdula/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржува Македонско-турскиот бизнис форум на ИТ-секторот и здравствениот сектор, организиран со заедничка соработка на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), Македонската стопанска комора и на Стопанската комора на Измир, јавува Anadolu Agency (AA).

По овој настан во кој учествуваа турски и македонски компании од ИТ и од здравствениот сектор, претставниците од Стопанската комора од Измир и од МАТТО одржаа прес-конференција на којашто ја информираа јавноста за организираниот бизнис форум.

Емре Илалан, член на Управниот одбор на Стопанската комора од Измир, за медиумите истакна дека во Скопје ќе престојуваат само еден ден и ќе започнат со тет-а-тет средби со компаниите од ИТ-секторот и од секторот за медицински материјали.

„Можеби во државата постои политичка нестабилност, но дојдовме тука бидејќи не мислиме дека тоа ќе биде проблем од аспект на инвестирање. Истото го дискутиравме и со многу други компании. Мислиме дека тука ќе постигнеме добри резултати“, вели Илалан, кој пренесе дека со цел подобро да допрат до клиентите, ги посетуваат сите земји и нив истовремено ги запознаваат со Измир и со Турција.

Од друга страна, Марија Томеска, заменик-претседател на МАТТО, истакна дека имале значајна средба со претставниците на Стопанската комора на Измир, и рече дека оваа турска комора од сега па натаму ќе биде нивен значаен стратешки партнер. Таа информираше дека денес МАТТО и Стопанската комора на Измир склучиле договор за соработка, која смета дека дополнително ќе ја зголеми соработката и трговската размена меѓу Македонија и Турција.

Економската размена меѓу Македонија и Турција, како што вели Томеска, е на високо ниво и изнесува 450 милиони евра, но, според неа, со дополнителните врски што ќе ги создадат со другите комори, ќе се зголеми трговската размена меѓу овие две земји.

„Веруваме дека денешните гости од комората на Измир ќе имаат еден плоден работен ден и ќе створат релации со македонските компании. Денес имаме претставници од комората на Измир кои се специфично од сферата на ИТ и на здравството. Имаме значајни компании коишто се производители на фармацевтски производи, на медицински помагала, компании што работат во здравствениот сектор и се заинтересирани да инвестираат во Македонија, заинтересирани се да ги пласираат своите производи тука. Исто така, имаме компании од ИТ-секторот коишто се заинтересирани да инвестираат во Македонија и да отворат свои претставништва тука“, нагласи Томеска.

Томеска посочи дека тие како МАТТО стојат на располагање за да ги поддржат во нивните намери и веруваат дека во иднина, соработката меѓу Македонија и Турција преку вакви договори ќе се зголеми и ќе стане навистина едно партнерство коешто ќе придонесе за развојот и на двете држави.

Претседателот на Здружението на приватните здравствени организации, прод. д-р Андреја Арсовски, вели дека со оглед на капацитетите што ги има турскиот здравствен систем и турските компании, оваа средба ќе биде само еден вовед во понатамошна успешна соработка, затоа што постојат многу можности што треба да се искористат за заемна корист.

Турските и македонските компании од ИТ и од здравствениот сектор, во текот на денот ќе одржат тет-а-тет средби.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.