економија

Шимшек: ЕУ е за нас е десет пати поважен трговски партнер од САД

Заменик-премиерот Мехмет Шимшек изјави дека Турција вознемирена од протекционизмот на САД под претседателство на Трамп, ќе се фокусира на трговијата на ЕУ.

Fatih Erel  | 19.01.2017 - Обновена : 20.01.2017
Шимшек: ЕУ е за нас е десет пати поважен трговски партнер од САД

Davos

ДАВОС (АА) - Турскиот заменик-премиер Мехмет Шимшек денес изјави дека протекционизмот на САД под претседателството на Доналд Трамп може да има негативно влијание на глобалната економија, но ограничен ефект на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос, Шимшек изјави дека Европската Унија е десетпати поважна од САД, како трговски партнер за Турција.

„Што се однесува до Турција, ЕУ е десетпати поважна од САД како трговски партнер. На ЕУ отпаѓа околу 50 отсто од нашата трговија. На САД отпаѓа околу пет отстo“.

„Така, за нас, ЕУ е многу поважна“, изјави Шимшек.

Идното претседателствување на Доналд Трамп продолжи да доминира како тема во Давос, иако тој не учествува на форумот поради подготовките за утрешната инаугурација во Вашингтон.

Во врска со економскиот протекционизам на САД под водство на Трамп, за кој се зборува, Шимшек изјави: „Протекционизмот е лош за глобалната економија. Лош е за пазарите во развој”.

„Ние сме среќни што Европската комисија даде зелено светло зa унапредување на царинската унија за проширување во земјоделските услуги и јавните набавки... тоа може за една деценија да го удвои обемот на трговија меѓу Турција и ЕУ, или од околу 150 милијарди долари на 300 милијарди долари”.

„Тоа е добро за ЕУ и за Турција, така ние не сме загрижени во врска со наведените протекционистички тенденции“, додаде тој.

Шимшек исто така изјави дека на пазарите во развој сѐ уште ќе им бидат потребни странски инвестиции.

Во врска со ефектот на Трамп во борбата против тероризмот и конфликтите на Блискиот Исток, Шимшек изјави: „Се надеваме дека САД и понатаму ќе бидат поврзани со останатиот дел од светот во однос на борбата против тероризмот“.

„Блискиот Исток е регион каде што состојбата е хаотична и има значително влијание за глобалната економија во однос на миграцијата, бегалците, глобалниот тероризам“, рече турскиот заменик-премиер.

„Ние се стремиме кон соработка со САД на пoконструктивен начин во однос на решавањето на проблемите што постојат на Блискиот Исток, особено во Сирија и во Ирак, и на други места, што е тешка обврска за Турција и за турската економија“, изјави Шимшек.

- Британската премиерка зборуваше за значајни промени

Британската премиерка Тереза Меј исто така денес зборуваше во Давос, фокусирајќи се на гласањето на земјата во 2016 за напуштање на ЕУ.

„Велика Британија – земја што толку често беше во првите редови на економските и социјалните промени – ќе зачекори кон нова лидерска улога како најсилен и најмоќен застапник за бизнис, слободни пазари и слободна трговија каде било во светот“, рече Меј.

Во врска со напуштањето на ЕУ, Меј изјави: „Да не ја потценуваме големината на таа одлука. Тоа значи дека Британија мора да се соочи со период на значајни промени. Тоа значи дека мораме да поминеме низ тешки преговори и да создадеме нова улога за нас во светот“.

Нагласувајќи дека Брегзит не е добро сфатен меѓународно, Меј додаде: „Некои од нашите европски партнери чувствуваат дека сме им го свртеле грбот. И знам дека многу стравуваат дека нашата одлука има значење и на иднината на ЕУ”.

„Нашата одлука да ја напуштиме ЕУ не беше одбивање на нашите пријатели во Европа, со кои делиме заеднички интереси и вредности и многу друго. Тоа не беше обид да се оддалечиме од нив или да ја прекинеме соработката што ни помогна да го зачуваме нашиот континент безбеден и силен”, потврди Меј.

Повеќе од 3.000 политичари и бизнисмени од 100 земји учествуваат на околу 400 сесии во швајцарскиот град.

На Светскиот економски форум присуствуваат околу 30 светски лидери, вклучувајќи ги и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, генералниот директор на Светската трговска организација (WTO), Роберто Азеведо и претседателката на ММФ, Кристин Лагард.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.