живот

„Тивките херои“ на скопските улици кои се борат за опстанок

Овие работници со колички не се како хероите што сме навикнати да ги гледаме секогаш, големи, славни и со познати имиња, но можеме да кажеме дека се тивки херои на улиците на Скопје

Besar Ademi  | 02.01.2017 - Обновена : 03.01.2017
„Тивките херои“ на скопските улици кои се борат за опстанок

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Бесар Адеми – Невработените луѓе, и покрај зимата, се трудат да заработат за живот носејќи различна трговска стока со рачни колички што натоварени ги туркаат со тешкотии низ улиците на Скопје. Местото каде што овие луѓе погодени од сиромаштија најмногу чекаат за да им служат на луѓето е Старата скопска чаршија, каде што велат раздвиженоста е поголема. Ја носат стоката за чаршиските дуќани, но исто така и за граѓаните што имаат потреба од тоа.

Нивните мали колички исто така биле користени и во средниот век, тогаш наречени „араба“. Со нив општите работници носеле стока и ги туркале со раце. Колите се направени од дрво, а пак рамката е од железо.

Снимките на Anadolu Agency (АА) покажуваат дека во раните утрински часови, на влезот на чаршијата се забележуваат млади и стари луѓе кои во редица чекаат да им служат на луѓето за мал паричен износ, со цел кога ќе се вратат дома, во вечерните часови, да можат на своите семејства да им обезбедат корка леб.

Многумина од оние што со години ја работат оваа професија, веќе ја прифатиле својата судбина, му се благодарни на Бога што сѐ уште се во можност да работат, но исто така имаат почит кон професијата што ја вршат. Тие истакнуваат дека најсоодветното место за да заработат пари е Старата скопска чаршија, иако во последните години не можат да заработат како во минатото.

Еден од нив е и 56-годишниот Зекир Локи, кој веќе 18 години се обидува да заработи за живот, работејќи десет часа на ден со својата количка којашто ја купил за 70 евра. Тој вели дека количката е неговиот живот, бидејќи со неа стигнува да го прехрани своето семејство, во кое тој е единствениот вработен.

„Веќе 18 години ја работам оваа професија. Со оваа количка пренесувам многу нешта, како трговска стока, железо и други нешта. Дневно стигнувам да заработам 300-400 денари, но порано, кога автобуската станица се наоѓаше тука, заработувавме повеќе. Носев роба до чаршиските дуќани и им служев на луѓето што имаа потреба“, рече Локи за АА.

Тој вели дека количката исто така треба да се одржува и за неа тој се грижи многу, бидејќи честопати се случува да се расипат тркалата по градските улици и калдрмите во чаршијата, а моментално количката е единственото нешто што му овозможува да заработи приходи со кои може да преживее.

„Претходно работев физичка работа, но подоцна работата престана и одлучив да ја купам оваа количка со која можам да заработам за парче леб, затоа што децата немаат каде да работат, јас морам да работам нешто. Целото тело ме боли, јас веќе 18 години работам со оваа количка, но немам друг избор“, раскажува Локи во разговор за АА, споделувајќи ја својата животна приказна.

Зекир Локи и десетината работници со колички не се како хероите што сме навикнати да ги гледаме секогаш, големи, славни и со познати имиња, но можеме да кажеме дека се тивки херои на улиците на Скопје за кои овој живот е борба за опстанок.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2016 година, од вкупно 949.525 активни лица во Македонија, 715.758 се вработени, додека 233.767 се невработени. Стапката на активност во овој период е 56,6 отсто, стапката на вработеност 42,7 отсто, а пак стапката на невработеност е 26,6 отсто.

Сепак, во најновиот извештај на Светската банка се вели дека во 2017 година се очекува забавување на македонската економија под влијание на намалувањето на инвестициите, што доаѓа како резултат на политичката неизвесност во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın