живот

Акцијата „Едно капаче – една надеж“, извор на насмевка на многу лица

„Едно капаче – една надеж“ е насловот на акцијата преку која Македонската медицинска студентска асоцијација со собирање пластични капачиња им помага на оние на кои помошта им е најпотребна

Ivana Ramadanova  | 19.02.2017 - Обновена : 20.02.2017
Акцијата „Едно капаче – една надеж“, извор на насмевка на многу лица ( Vedat Abdul/AA )

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - ИВАНА РАМАДАНОВА - Дарувањето е потреба на човекот, за да ги направи среќни оние на кои им е најпотребно тоа чувство. А за хуман гест е потребно толку малку за да им се овозможи на немоќните да имаат поубав и поинаков свет од реалниот.

Токму преку својата хуманост и посветеност, членовите од Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) веќе подолго време работат и успеваат да ги вратат насмевките на голем број семејства во Македонија. Да се соберат 250 килограми капачиња можеби звучи тешко, но ништо не е тешко кога желбата некому да се помогне е поголема од сѐ. 

„Едно капаче – една надеж“ е насловот на акцијата преку која Македонската медицинска студентска асоцијација со собирање пластични капачиња им помага на оние на кои помошта им е најпотребна.

Онур Дика, студент по општа медицина на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и еден од координаторите во ММСА, во разговор за Аnadolu Аgency (AA) вели дека иако почетоците на проектот биле тешки, акцијата зема сѐ поголем замав во земјава, особено во основните и во средните училишта.

„Главната цел на хуманитарно-еколошката акција „Едно капаче – една надеж“ е да се соберат колку што е можно повеќе пластични капачиња, кои потоа се испраќаат во Турција, каде што се рециклираат, а за количина од 250 килограми се добива една инвалидска количка. Таа се донира на семејство што има потреба, а нема финансиска можност самостојно да си ја обезбеди“, вели Дика.

Според него, акцијата започнала во 2013 година, а се планира да трае сѐ додека има потреба.

„Идејата ја иницира еколошката организација ‘Грин клаб’ од Турција, која става акцент на рециклирањето како мерка за зачувување на природата. Досега израдувавме четири семејства, но со оглед на тоа што секој ден расте бројот на учесниците, веруваме дека за кратко време ќе имаме можност да израдувавме повеќе семејства“, додаде Дика.

Во рамките на акцијата, Дика вели дека постојат пунктови речиси низ сите градови во државата, каде што граѓаните можат да го дадат својот придонес со собирање на капачиња. Тој истакна дека соработката со Турција не застанува овде, и додава дека тие се во постојан контакт и работат на повеќе проекти.

„Со Турција соработуваме мошне често. Организираме разни конгреси, а најмногу соработуваме со слични организации како нашата. Од таму секоја година имаме учесници, помош имаме и од турската државна организација ТИКА. Ние сме презадоволни од Турција и од турската Влада, која ни помага и нѐ поддржува во нашите проекти“, истакна Дика.

Моментално, Турција и Словенија се водечки земји во оваа акција. Но, според последните информации, акцијата е почната и во другите балкански земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.