живот

Задар – град на Јадранот каде што морето пее песни

Градот е богат со десетици историски објекти и места, а го привлекува интересот на туристите и со своите модерни архитектонски конструкции

Emre Baştuğ  | 19.06.2017 - Обновена : 20.06.2017
Задар – град на Јадранот каде што морето пее песни Emre Baştuğ/AA

Zadar

ЗАДАР (АА) - На брегот на Јадранското Море се наоѓа историскиот град Задар, дом на прочуениот музички инструмент „Морска оругула”. Тој исто така е град во којшто по заоѓањето на сонцето, тоа буквално одново се раѓа од земјата, преку светлосниот круг наречен „Поздрав до сонцето”, јавува Anadolu Agency (AA).

Во последните години Задар привлекува голем број туристи од сите страни на светот и со секој изминат ден, неговата ѕвезда станува сѐ посјајна. Градот е богат со десетици историски објекти и места, а го привлекува интересот на туристите и со своите модерни архитектонски конструкции.

Хрватскиот архитект Никола Башиќ е творец на две извонредни дела, „Морската оргула” (Sea Organ) и „Поздрав до сонцето” (The Greeting to the Sun). Овој познат хрватски архитект со своите дела успеа Задар, кој има историска текстура, да го претвори во центар на атракции.

Архитектот Башиќ во 2005 година го заврши своето дело „Морска оргула“, преку коешто се соединуват архитектурата и музиката. Ова дело кое е поставено на брегот од историскиот дел на полуостровот, претставува вистински природен музички празник за посетителите.

Под мермерните плочи на брегот, поставени се 35 цевки коишто во вид на отвори се појавуваат на површината од шеталиштето. Брановите и ветерот ѝ даваат душа на „Морската оргула“, која во зависност од интензитетот на ветерот и брановите произведува звуци што заедно со звукот на брановите создаваат несекојдневна хармонија. Туристите со задоволство доаѓаат на брегот за да го слушнат овој интересен инстумент што произведува непрекината музика.

- Сонцето се раѓа, речиси од земјата -

Во близина на „Морската оргула“ се наоѓа делото „Поздрав до сонцето“, соларен систем со дијаметар од 22 метра, кој исто така го привлекува интересот на туристите. Ова модерно дело се наоѓа на брегот од полуостровот, од каде што најубаво може да се следи заоѓањето на Сонцето.

Туристите кои доаѓаат на овој дел од брегот за да го следат зајдисонцето, имаат несекојдневна можност. Од една страна можат да го следат заоѓањето на сонцето, додека од друга страна, по заоѓањето се сведоци како сонцето речиси повторно се раѓа од земјата, благодарение на осветлувањето поставено во ова модерно дело.

Во текот на целата ноќ, делото „Поздрав до сонцето“ на архитектот Башиќ зрачи светлина врз околината и за туристите кои сакаат да фотографираат претставува 'вечерно сонце'.

- Повеќевековна историја на полуостровот -

Задар го привлекува интересот на посетителите со модерните дела изработени во блиското минато, а истовремено е богат и со голем број историски архитектонски дела, особено полуостровот каде што се наоѓа градот.

Покрај тоа што во градот постојат историски остатоци уште од времето пред новата ера, тој е богат и со значајни историски објекти од времето на Римската Империја и Венецијанската Република.

Задарскиот туристички водич Влатко Матиќ, во разговор со новинарот на АА изјави дека Задар има многу значајна положба и во историјата отсекогаш имал важна позиција. Тој истакна дека во денешно време градот е посетуван од голем број туристи од сите страни на светот.

Матиќ изјави дека покрај тоа што туристите покажуваат особен интерес за местата на коишто се поставени делата „Морска оргула“ и „Поздрав до сонцето“, тие со голем интерес ја посетуваат најголемата катедрала во Далмација, која се наоѓа во овој град, потоа историските куќи, старата чаршија и тврдината којашто се очекува ова лето да влезе на листата на УНЕСКО.

- Во фокусот на турските инвеститори -

Матиќ истакна дека со секоја измината година, во Задар се зголемува бројот на туристите, со што се зголемува и бројот на компаниите што сакаат да инвестираат во градот.

Тој вели дека пред извесно време, една значајна турска компанија во Задар отворила хотел со 5 ѕвезди, и додаде дека градот зазема видно место во инвестициите од областа на туризмот.

Туристичкиот водич Матиќ посочи дека очекува Задар во најкус временски период да стане една од најсветлите ѕвезди на Хрватска на полето на туризмот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.