живот

Кога желбата е поголема од сите пречки: Создава уметнички дела држејќи ja четката во уста

„Кога имав седум години тогаш сите деца цртаа честитки бидејки беше празникот на жената 8 Март. Тогаш и јас сакав да цртам, ја зедов боицата со уста и нацртав цвет. Тоа ми беше првиот цртеж“, вели Роза Мојсовска за АА

Miki Trajkovski  | 30.04.2017 - Обновена : 01.05.2017
Кога желбата е поголема од сите пречки: Создава уметнички дела држејќи ja четката во уста Miki Trajkovski/AA

Skopje

ОХРИД (АА) - Мики Трајковски - Телесниот инвалидитет со којшто живее од нејзиното раѓање не претставува никаков проблем за Роза Мојсовска да создава уметнички дела држејќи ја четката со уста. Таа е единствената Македонка којашто твори на овој невообичаен начин.

Вели дека првпат својот талент го открила кога имала само седум години, додека била на лекување во болница во Белград.

„Кога имав седум години тогаш сите деца цртаа честитки бидејки беше празникот на жената 8 Март. Тогаш и јас сакав да цртам, ја зедов боицата в уста и нацртав цвет. Тоа ми беше првиот цртеж. Тогаш учителите видоа дека умеам многу убаво да цртам, и тогаш го открив мојот талент за цртање“, вели Роза Мојсовска во разговор за Anadolu Agency (AA).

Таа вели дека долги години се срамeла да зборува јавно за својата дарба плашејќи се како ќе биде прифатена од јавноста и од нејзината поблиска и поширока околина. Роза, која сега живее во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско во Струмица, вели дека сериозно почнала да се занимава со оваа професија во 1996 година, односно кога имала 23 години.

„Тогаш си ја открив професијата, дека јас умеам да цртам. Така почнаа и моите изложби. Досега имам 27 самостојни изложби, а групни околу 40 изложби. Имам настапувано во Словенија, Италија, Бугарија, Србија, Швајцарија и во Македонија. Јас претежно цртам цвеќиња, но цртам и природа, портрети и друго. Во Македонија сум единствената којашто црта со уста, а во Србија има уште двајца“, вели Роза Мојсоска.

- Цртежите на Роза ги видел и поранешниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун -

Роза е член на Светското здружение на уметници кои цртаат со уста и со нозе, со седиште во Лихтенштајн. Веќе неколку години е член на оваа светска организација.

„Сега сум стипендист на тоа здружение кое се наоѓа во Лихтенштајн. Таму испраќам свои дела, тие ме наградуваат и ми даваат да купувам артикли за работа и да можам да плаќам ментор за да можам да се усовршам со цел да станам професионален уметник“, вели Мојсовска.

Нејзина желба е еден ден да стане професионален уметник и да продолжи да ги изложува свои дела на самостојни изложби во земјата и во странство. Нејзин цртеж, како што ни кажа, се наоѓа и кај поранешниот претседател на Обединтите нации, Бан Ки-мун, како и кај некои македонски високи функционери и јавни личности. Оваа девојка во Бања Банско крај Струмица живее од 1978 година, а покрај тоа што е одличен уметник, слободното време го користи да пишува и поезија, па досега има издадено пет збирки поезија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın