живот

На 14 години отишол како бегалец во Турција, а денес има ресторани во 14 градови

Во раговор за АА, Кавара се осврна на својата животна приказна, за патот на неговото семејство кон Турција и за тоа како и покрај сите животни потешкотии, успеал да го запише своето име меѓу успешните предприемачи во Турција

Kayhan Gül  | 15.04.2017 - Обновена : 16.04.2017
На 14 години отишол како бегалец во Турција,  а денес има ресторани во 14 градови

Sarajevo

САРАЕВО (АА) - Нино Кавара имаше само 14 години кога во 1994 година ја напушти татковината Босна и Херцеговина, во тоа време зафатена од виорот на војната, и со семејството избега во Турција. Оттогаш поминаа повеќе од 20 години, а денеска Кавара е успешен претприемач, кој управува со ланец од 22 ресторани во 14 градови во Турција.

Во раговор за Anadolu Agency (АА), Кавара се осврна на својата животна приказна, за патот на неговото семејство кон Турција и за тоа како и покрај сите животни потешкотии, успеал да го запише своето име меѓу успешните предприемачи во Турција.

Таткото на Нино Кавара, за времена војната во БиХ бил заробеник во логорот Габела кај Чапљина. За да го извлече својот татко од логорот, потребно било со семејството да ја напуштат БиХ и да одат во некоја трета земја.

За да се премине во трета земја, било потребно гарантно писмо од трета земја, Кавара во разговорот со новинарот на АА изјави дека во тоа време контактирале со своите роднини кои живееле во Турција. Од нив добиле гарантно писмо, по чиј основ неговиот татко бил пуштен од логорот.

„Бевме семејство кое имаше среќа”, рече Кавара и додаде дека им бил даден рок од 24 часа да ја напуштат БиХ, што и го направиле. Преку Хрватска, Унгарија, Романија и Бугарија, пристигнале во Турција.

„Тогаш имав само 14 години. Заедно со мајка ми, татко ми и сестра ми пристигнавме во Измир. Во Измир ни помогнаа нашите роднини”, рече Кавара, додавајќи дека по пристигнувањето во градот започнал да тренира во кошаркарскиот клуб Туборг.

Кавара рече дека неговите родители во 1999 година го отвориле првиот ресторан во Каршијака, дел од градот Измир, кој е темел на денешниот ланец ресторани во Турција.

„Отворивме ресторан и го нареквме ‘Everyday Grill’. На менито имавме и ќебапи, а наша цел беше на гостите да им понудиме и јадења од Балканот. Тоа го работевме многу успешно”, истакна Кавара.

По смртта на татко му, Кавара бил приморен да престане да се занимава со кошарка. Тој заедно со мајка му продолжил да ја води работата околу ресторанот.

Во текот на разговорот Кавара истакна дека по 15 години искуство во секторот на гастрономија, посакал да направи бренд, со име кое во себе ќе ги носи и босанската и турската култура.

„Тргнавме со името 'сомун' (векна) кој се користи и во БиХ, така да нашиот бренд производ го нарековме 'Сомунараси' (ќебапи во векна). Ќебапите и на овие простори им се нудат на гостите во векна. Нашиот прв ресторан под тоа име е отворен во 2014 година во Каршијака”, рече Кавара.

Откако ваквиот чекор се покажал како успешен, Кавара рече дека во Измир отворил уште два вакви ресторани. Денеска Кавара поседува 22 ресторани во 14 градови во Турција.

На прашањето зошто се фокусирале на ќебапи, Кавара истакна дека ќебапот, сам по себе е универзален.

„Ќебапот е јадење за широки народни маси. Дали некогаш сте чуле дека некој не сака ќебапи? Од децата па до старите лица, сите ги сакаат ќебапите. Всушност во основата на најголемите прехранбени ланци во светот се ќебапот и лебот”, раскажува Кавара.

Тој нагласи дека одлучиле ќебапите да ги служат на метални чинии, што е пракса и на балканските простори. Додаде дека полека, во менито на неговите ресторани започнало да се наоѓа и пита под сач (флија).

За сите рецепти и производството на храна, како што кажа Кавара, задолжена е мајка му. Таа се грижи и за обука и вработување на персоналот во рестораните.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.