свет, живот

На светско ниво, 1 од 11 лица е заболено од дијабетес

Според податоците на Светската здравствена организација, во 1980 година имало 108 милиони заболени од дијабетес, додека денеска таа бројка е 4 пати поголема.

Ayşe Aktaş  | 13.11.2017 - Обновена : 14.11.2017
На светско ниво, 1 од 11 лица е заболено од дијабетес

Ankara

АНКАРА (АА) - Според податоците на Светската здравствена организација, на светско ниво, 1 од 11 лица е заболено од дијабетес, јавува Anadolu Agency (AA).

Новинарот на АА, правејќи процена на податоците на Светската здравствена организација, забележа дека бројката на заболени од дијабетес во 1980 година изнесувала 108 милиони лица, додека во 2014 година, нивниот број се искачил на 422 милиони, што е речиси 4 пати повеќе. Според овие податоци, на секои 11 лица, едно е заболено од дијабетес.

Меѓу заболените, бројката на возрасни болни од дијабетес во 1980 година изнесувала 4,7 отсто, додека во 2014 година, процентот на заболени од дијабетес се искачил на 8,5 отсто.

Во 2015 година 1,6 милиони луѓе починале како последица на дијабетес, а во 2012 година, причина за смртта на 2,2 милиони луѓе била високото ниво на шеќер во крвта.

Речиси половина од лицата што починале како последица од високото ниво на шеќер во крвта се лица под 70-годишна возраст.

Светската здравствена организација предвидува дека до 2030 година, дијабетесот ќе биде еден од 7 основни фактори за смртност кај луѓето.

Дијабетес

Дијабетесот кај луѓето се јавува како последица на неправилното функционирање на панкреасот, кој во такви случаи не го произведува хормонот инсулин, кој човечкиот организам го употребува за контрола на нивото на шеќерот во крвта. Тоа е дијабетес од типот 1. Најраспространет е дијабетесот од тип 2. Организмот на заболените пациенти од овој дијабетес не може ефикасно да го употребува инсулинот што го произведува панкреасот.

Дијабетесот, кој меѓу народот е познат и како „шеќерна болест“, во почетокот беше именуван и како „болест на богатите“, но во последните години забележано е дека има многу поголем раст на лица заболени од дијабетес во земјите со средни и ниски приходи.

Последици од заболувањето

Во понапредните фази на ова заболување се јавува слепило, бубрежна инсуфициенција, срцеви удари, мозочен удар и губење на долните делови на нозете.

Возрасните лица заболени од дијабетес, за разлика од лицата кои немаат дијабетес, се соочуваат со 2 до 3 пати поголем ризик од срцев или мозочен удар.

Дијабетесот предизвикува сериозни оштетувања на срцето, крвните садови, бубрезите и на нервниот систем. Дијабетесот во комбинација со низок притисок кај пациентот, предизвикува рани на нозете, што може да напредува до загуба на долниот дел од нозете.

Дијабетична ретинопатија се јавува како последица на долготрајни оштетувања на капиларите на ретината од окото. Дијабетичната ретинопатија на светско ниво е причина што предизвикува слепило кај 2,6 отсто од светската популација.

Видови дијабетес и превентивни мерки

Засега не се познати причините за појавата на дијабетес од тип 1 и затоа не можат да се преземат превентивни мерки. Пациентите заболени од овој тип мораат секојдневно да примаат инсулин.

Доколку дициплинирано не го примаат инсулинот, заболените од дијабетес тип 1 преоѓаат во заболени од тип 2, кој генерално се јавува како последица на вишок килограми и физичка неактивност.

Појавата на дијабетесот од тип 2 или неговото напредување може да се спречи со здрава исхрана, редовни физички активности, нормална телесна тежина и неконсумирање на цигари.

Појавата на шеќер при бременост е еден друг вид дијабетес кој се јавува кај трудниците. Постои голема веројатност децата на мајките кои имале шеќер при бременост, во иднина да имаат дијабетес од тип 2.

Жените и дијабетесот

Во светот има повеќе од 199 милиони жени заболени од дијабетес. Се очекува во 2040 година бројката на жени заболени од дијабетес да достигне 313 милиони.

Две од 5 жени заболени од дијабетес се во плодна возраст. Секоја година, 2,1 милион жени умираат од болести предизвикани од дијабетес.

Жените заболени од дијабетес тип 1 се склони кон спонтани абортуси или се со повисок процент на дефекти при породувањето.

Светски ден на дијабетесот

Поради брзиот раст на бројот на заболени од дијабетес, Меѓународната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација во 1991 година предложија 14. ноември да биде прогласен за Светски ден на дијабетесот. На состанот на Генералното собрание на Обединетите нации во 2006 година, донесена е одлука со којашто е усвоен овој предлог.

Оваа година, Светскиот ден на дијабетесот е на тема „Жените и дијабетесот“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.