живот

Студеното време дополнително го отежнува животот на бездомниците

Екстремно ниските температури кои достигнуваат и повеќе од минус 20 степени, дополнително го отежнуваат и онака тешкиот живот на бездомниците

Admir Fazlagic  | 11.01.2017 - Обновена : 12.01.2017
Студеното време дополнително го отежнува животот на бездомниците ( Vedat Abdul - Anadolu Agency )

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ

Студениот бран проследен со снежни врнежи кои во последните неколку денови го зафатија балканскиот регион, а со тоа и Македонија, ги изложија на многубројни проблеми и го доведоа во опасност животот на бездомниците.

Екстремно ниските температури коишто достигнуваат и под минус 20 степени, дополнително го отежнуваат и онака тешкиот живот на бездомниците. Погодени од ситуацијата, тие бараат различни начини за да најдат засолниште, да се стоплат и да најдат покрив над главата, дури и за една вечер.

Пунктот за бездомници на Црвениот крст во Момин Поток во Скопје е место каде што бездомниците се згрижени и им се обезбедени основните услови за живот.

Во разговор за Anadolu Agency (AA) Драгана Лазаровска, координатор на Пунктот за бездомници во Момин Поток, рече дека пунктот за бездомници функционира веќе осма година, а тимот на Црвениот крст се грижи за луѓето погодени од оваа социопатолошка појава, за на подолготрајни патеки да се вратат овие лица во здравите општествени текови. Како што истакна таа, особено во зимските услови се обидуваат да им излезат во пресрет на оние на кои најмногу им е потребна помошта – бездомниците.

За разлика од минатата година, посочува Лазаровска, поради екстремно ниските температури, годинава има многу повеќе бездомни лица згрижени во стационарниот дел. Капацитетот за сместување е 16 кревети, но доколку се појави потреба за поголем број, просторот во соработка со дежурните лица се адаптира и може да стигне до 20 легла.

„На дневна основа, истите лица што ноќно време го користат просторот остануваат во текот на целиот ден, затоа што имаме 24-часовни екипи и дежурства. Имаме и патролни мобилни тимови, кои во текот на целиот зимски период патролираат за да ги лоцираат бездомните лица“, изјави Лазаровска за АА.

Еден од бездомниците кои слушнале за Пунктот за бездомници во Момин Поток е 21‑годишниот Екрем Муминовиќ, кој од вчера е згрижен во овој пункт каде што има место да преспие и доволно храна за да преживее. Во разговор за АА, тој вели дека е задоволен од сегашните услови.

„Топло е. Имаме јадење и облека. Живеев во една напуштена зграда. Бев во дом за деца без родители, од каде што излегов“, вели Екрем, кој се надева дека во иднина ќе успее за себе да обезбеди подобар живот. Стравувал дека студеното време може да биде опасно по неговиот живот, но во местото каде што моментално се наоѓа се чувствува згрижено и посигурно.

Во стационарот за бездомници заедно со младиот Екрем е и 67-годишниот Миле Михајловски од Скопје. Вели дека некои добри луѓе виделе оти е во многу тешка ситуација, тешко болен и немоќен, на студено време, и го донеле во Пунктот за бездомници во Момин Поток.

„Десет години живеам на Зелен пазар, во подземните гаражи. Десет години сум таму. Немам никакви услови за живот", истакнува Миле.

Тој вели дека во летниот период иако е тешко, сепак полесно може да се издржи надвор, но во зимскиот период студот е неподнослив, особено за постарите и болните луѓе.

Овој 67-годишен човек, порано работел различна физичка работа и како што рече, има само 6‑7 години пријавен работен стаж, поради што нема право на пензија. Свесен за исклучително тешката состојба во која се наоѓа, Миле верува дека институциите и познаниците ќе му помогнат да има подобар живот.

Во Пунктот за бездомници работи мултидисциплинарен тим којшто се состои од доктор-психолог, четири домаќинки кои се грижат за храната, облеката и за другите потребни работи, социјален работник кој на бездомниците им помага околу услугите за остварување на правата од системот за социјална заштита, како што се изнаоѓање решенија за вработување, и психолог кој работи со нив за да ги врати во здравите општествени текови.

Преку пунктот, корисниците секоја зима добиваат топла облека, обувки, ќебиња, вреќи за спиење.

Според податоците на Црвениот крст од Пунктот во Момин Поток, на територијата на Град Скопје има 318 бездомници, но сепак, нивните процени се дека оваа бројка е значително поголема.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.