култура и уметност

„Барање до УНЕСКО за стручно мислење за реконструкција на Али пашината џамија"

„Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури", се наведува во соопштението

Admir Fazlagic  | 07.02.2018 - Обновена : 08.02.2018
„Барање до УНЕСКО за стручно мислење за реконструкција на Али пашината џамија" (Foto: Arhiva / AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за култура на Република Македонија денеска преку соопштение ја извести јавноста дека формирало комисија од стручни лица, која ги испитува сите околности во однос на реконструкцијата на Али пашината џамија, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури. Работната група препорача, а министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење - дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии“, се наведува во соопштението на Министерството за култура на Р. Македонија.

Од министерството посочуваат дека немаат ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но, како што наведуваат, сакаат тоа да се спроведува во согласност со законската процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштита на објекти со историско значење.

„Би сакале да потсетиме дека слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот на Република Македонија, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти, без оглед на религијата на која ѝ припаѓаат, е наш врвен приоритет. Ние повеќе би сакале да ја гледаме културата и културното наследство како наше заедничко богатство кое нè зближува“, се вели во соопштението.

Потсетуваме, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, во декември минатата година на средба со директорите на институциите од културата во Охрид најави дека ќе биде стопирана реконструкцијата на пет векови старата Али пашина џамија во Охрид.

Реставрацијата на Али пашината џамија се финансира од Генералниот директорат на вакуфи на Република Турција (Genel Vakiflar Müdürlüğlü).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.