култура и уметност

Актерот Хаџихафизбеговиќ: Да ги вклучиме камерите, а не тенковите

„Да ги вклучуваме камерите, да ги вклучуваме рефлекторите во театрите, да ги вклучуваме инструментите, да ги наостриме перата и да пишуваме книги, да купуваме листови и да сликаме и ете корист за целиот регион", вели актерот Хаџихафизбеговиќ

Zülfiya Yakup  | 18.01.2017 - Обновена : 19.01.2017
Актерот Хаџихафизбеговиќ: Да ги вклучиме камерите, а не тенковите

Kosova

ПРИШТИНА (AA) - Босанско-херцеговскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ својата јубилејна 60. улога ќе ја одигра во косовскиот филм „Човекот на досиејата“, кој за странскиот пазар е насловен како „Cold November“, јавува Anadolu Agency (AA).

Снимањето на филмот започна неодамна и ќе трае вкупно 28 работни дена, а една од поважните улоги во филмот, ликот на Србинот, директор на јавно претпријатие, му припадна токму на Хаџихафизбеговиќ. Покрај него, во филмот игра и босанско-херцеговската актерка Гордана Бобан, како и актери од Косово и од Албанија.

Главната улога во филмот му припадна на Куштрим Хоџа, косовски актер кој веќе игра во САД, а покрај актерите, екипата на филмот ја сочинуваат и филмски творци од Македонија, Албанија и од Косово.

- Дилема на главниот лик -

Во филмот „Човекот на досиејата“, главниот лик Фадил (36), работник во државно претпријатие во Косово, во периодот на отпуштање на Албанците од работа од страна на тогашниот српски режим, се наоѓа пред тешка одлука да избере меѓу две лоши опции: да биде патриот или одговорен татко. Тој ја избира втората опција и потоа трпи голем притисок од двете страни.

„Со оглед на тоа што филмот го третира почетокот на 90-тите години, јазиците што тогаш се зборуваа беа албанскиот и српскиот. Ликот што го игра Емир е Србин, директор на едно јавно претпријатие од тоа време. Филмот е заснован на историски факти од почеток на деведесеттите години и нашето сценарио ги третира само историските факти, ништо повеќе“, рече Фатмир Спахиу, актер и еден од трите продуценти на филмот.

Исмет Сијарина, режисер и еден од сценаристите, истакна дека филмот во најголем дел се снима во Приштина, но и во Кишница, во објектите на претпријатието „Трепча“.

„Тоа е претпријатие во кое пронајдовме многу простор што изгледа како во деведесеттите години. Познато е дека на Косово инфраструктурата се смени многу во однос на деведесеттите и бевме принудени да најдеме место каде што ќе нема потреба многу да инвестираме бидејќи буџетот на филмот е мал. Во Кишница, во Трепча, им благодариме на поддршката, пронајдовме простор што сто отсто ги задоволи нашите барања“, рече Сијарина.

Според неговите зборови, планирано е филмот да биде завршен до крајот на оваа година и премиерата се очекува на почетокот на 2018.

- Големи очекувања од филмот -

Хаџихафизбеговиќ вели дека е среќен бидејќи е добро примен на Косово и затоа што овој филм, според него, ќе биде еден од поважните филмови во регионот.

„Според мене, овој филм веќе има успешен епилог. Уметноста од античка Грција наваму, па така и филмот, имаат две задачи – да отвора прашања и да ги поправа луѓето. Овој филм отвора прашање, а одговорно тврдам дека луѓето по проекцијата на овој филм ќе излезат подобри, дека ќе излезат поблагородни, дека ќе размислуваат“, истакна тој.

Хаџихафизбеговиќ наведе дека екипата на филмот е солидна, дека снимањето се одвива во одлична и професионална атмосфера и дека е импресиониран од луѓето на Косово.

„И третата импресија е тој мој судир со малите, обични луѓе во Приштина, на Косово, кој е сјаен, од рецепцијата во рестораните, банкарските шалтери, таксистите, касиерките, келнерите, луѓето што ги среќавам по кафеаните и на местата на кои се среќаваат таканаречените мали, обични луѓе, а всушност, не се мали, обични луѓе, туку се најважни, и таа моја импресија е потполно феноменална“, рече тој.

Истовремено, Хаџихафизбеговиќ порача дека културата мора да се издигне над политиката, како и дека би сакал Косово и БиХ, како и целиот регион, повеќе да соработуваат во областа на културата.

Иако му е многу добро познат проблемот на визниот режим меѓу Косово и БиХ, нему лично за доаѓањето на Косово не му била потребна виза, со оглед на тоа што поседува хрватски пасош, кој му е доделен како на освојувач на 14 светски награди за хрватски филмови во кои играл, а меѓу нив е и наградата Златнен лав на фестивалот во Венеција за филмот „Такви се правилата“.

Хаџихафизбеговиќ додава дека визите се прашање на политиката, но вети дека по враќањето во БиХ, со својот авторитет и како уметник и како личност инкорпорирана во политичкиот живот на БиХ, ќе започне иницијатива на важни места за тоа прашање да се разгледа и да се олесни добивањето на визи.

Осврнувајќи се на последните тензии во регионот, тој истакна дека е добро што тие се коментираат низ хумор.

- Пастирите сакаат да ги праќаат децата во војни -

„Длабоко верувам дека сите три народа во рамките на БиХ ќе разберат дека таа митоманска и национална реторика веќе станува предмет на потсмев, а не на сериозен страв од некоја евентуална војна. И добро е тоа што стана предмет на потсмев и добро е што на социјалните мрежи и во БиХ се шегуваат со возот што доаѓа од Белград во Сараево и носи бурек со сирење, а со оглед на тоа што јадеме бурек со месо, тој воз сме го вратиле некаде кај Бања Лука“, нагласи тој.

Хаџихафизбеговиќ додаде дека е голем оптимист и оти верува дека никому денес не му паѓа на памет да се фати за „калашников“ и да се активираат тенкови.

„Да ги вклучуваме камерите, да ги вклучуваме рефлекторите во театрите, да ги вклучуваме инструментите, да ги наостриме перата и да пишуваме книги, да купуваме листови и да сликаме и ете корист за целиот регион. И повторно мислам дека ова не е патетична приказна што ја раскажува некој уметник од Сараево, ова е приказна што сѐ повеќе добива свој рационален дискурс и прочитани се сите овие пастири што повторно би испраќале некои деца во некои исмистифицирани и виртуелни војни“, порача Емир Хаџихафизбеговиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.