култура и уметност

Отворен базар на домашни ракотворби по повод 8. Март

На штандовите можат да се видат рачни изработки на различни видови накит, бижутерија, цртежи, слики, икебани и други ракотворби

Senada Ibraimova  | 06.03.2017 - Обновена : 07.03.2017
Отворен базар на домашни ракотворби по повод 8. Март

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се отвори осмомартовскиот базар за домашни ракотворби, кој го организира Занаетчиската комора Скопје, во соработка со Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ и АД ГТЦ, јавува Anadolu Agency (AA).

Базарот, по повод Денот на жената, 8. Март, се одржува во приземјето на ГТЦ во Скопје, а штандови со свои ракотворби имаат изложено неколку производители на домашни ракотворби, кои истовремено се членови на Занаетчиската комора Скопје.

На штандовите можат да се видат рачни изработки на различни видови накит, бижутерија, цртежи, слики, икебани и други ракотворби.

На овогодишниот базар за првпат учествува Светлана Барјибина, која по потекло е од Русија, по професија доктор-интернист, а се занимава со изработка на ракотворби од природна волна и свила, како што се кукли, шалови, чанти и други производи.

Барјибина во својата изјава за АА вели дека веќе четири години живее во Македонија, каде што изработува ракотворби од волна, свила и од кожа.

„Користам само природен материјал. Јас сум докторка по образование, а во Русија работев како интернист. Ова порано ми беше само како хоби, а сега ми е работа“, вели Барјибина.

Таа исто така вели дека овие ракотворби ги работи сама, а ги изложува во една од сувенирниците во Етно село, во Скопје. Таа пренесе дека на македонските купувачи не им се познати ваквите ракотворби од волна и од свила, но оти сепак има заинтересираност.

Сузана Јовчевска, пак, сопственичка на занаетчиски дуќан во Скопје, за АА изјави дека се занимава со рачно цртање на стакло, рачна изработка на накит и изработка на украси.

Меѓу другото, Јовчевска рече дека веќе трета година по ред учествува на овој осмомартовски базар со своите ракотворби.

„Овие предмети ги изработувам јас. Ми помага ќерка ми одвреме-навреме во цртањето и во сѐ друго, меѓутоа воглавно се моја изработка“, рече Јовчевска. Во однос на заинтересираноста од страна на купувачите, таа вели дека сѐ уште е рано да се направи процена, затоа што е прв ден, но го изрази своето задоволство од претходната година.

Осмомартовскиот базар е отворен секој ден, од 8 до 20 часот, а ќе трае од денес до 8. Март.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.