култура и уметност

Шекспировата драма „Отело“ на сцената на Турскиот театар

На денешната прес-конференција во „Театар комедија“, директорот на Турскиот театар од Скопје, Атила Клинче, заедно со режисерот и актерите ја најавија премиерата на драмата „Отело“

Senada Ibraimova  | 23.01.2017 - Обновена : 24.01.2017
Шекспировата драма „Отело“ на сцената на Турскиот театар

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во „Театар комедија“, актерите од Турскиот театар во Скопје ќе ја одиграат премиерата на драмата „Отело“ на Вилијам Шекспир, во режија на режисерот Дејан Пројковски, јавува Anadolu Agency (AA).

На денешната прес-конференција во „Театар комедија“, директорот на Турскиот театар од Скопје, Атила Клинче, заедно со режисерот и актерите ја најавија премиерата на драмата, која ќе се игра вечерва и утревечер, а во репертоарот ќе влезе на 31. јануари.

Клинче во својата изјава рече дека ова е петти пат по ред како режисерот Пројковски гостува во Турскиот театар и нагласи дека соработката е извонредна.

„Пред десетина години започнавме со ‘Епот за Гилгамеш’, каде што имаше оган, па рековме да направиме една трилогија и да затвориме со оган, земја и вода. ’Отело’, ќе се игра во еден базен каде што актерите имаа извонреден процес на работа, едно лабораториско работење со Пројковски“, истакна Клинче.

Оваа претстава всушност претставува втора театарска лабораторија на темата трагедија што Пројковски ја работи со Турскиот театар. Претходно тој го работеше „Прометеј“, кој исто така претставуваше лабораторија за антички театар.

„Нашето ‘Отело’ е всушност претстава којашто во основа го има актерот, шестмина актери на сцена, коишто се раѓаат и умираат буквално на сцената. Претставата се случува во вода, која е една метафора, симбол на раѓањето, на обидот за миење на гревовите. Самата вода и брачната постела – водата во којашто се извршуваат убиствата, стигнувајќи на крајот до дождот, кој всушност можеби се и солзите на Дездемона, обидувајќи се таа да ги исчисти нивните гревови“, изјави Дејан Пројковски во своето обраќање.

Според него, водата е еден симбол што нѐ насочува кон тоа дека најголемото зло во самиот човек е всушност помислата, на што и се темели целата Шекспирова трагедија „Отело“, односно најголемиот отров во човековиот организам е мислата или конструкциите што си ги создаваме самите во нашата глава, па водата е таа што би ги измила гревовите.

Улогите во оваа претстава ги толкуваат актерите од Турскиот театар од Скопје. Во главната улога, односно Отело го игра актерот Џенап Самет, Сузан Акбелге е во улогата на Дездемона, Селпин Керим ќе го игра Јаго, Осман Али е во улога на Касио, Зубејде Али ја игра Емилија, а Неат Али е во улога на Родриго. Кореографијата е на Олга Панго, а музиката на Горан Трајковски.

Претставата ќе биде на турски јазик, титлуван на македонски.

Љубителите на театарската уметност ќе имаат можност денес и утре од 20 ч да ја гледаат премиерата на малата сцена на „Театар комедија“, а претставата ќе биде на репертоарот од 31. јануари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.