култура и уметност

Шекспировото 4-вековно дело „Отело" се игра во Турскиот театар - Скопје

Оваа претстава всушност претставува втора по ред, како што режисерот ја нарекува ’театарска лабораторија’ на темата трагедија, што тој ја работи со Турскиот театар. Претходно тој заедно со Турскиот театар го работеше „Прометеј“

Senada Ibraimova  | 23.02.2017 - Обновена : 24.02.2017
Шекспировото 4-вековно дело „Отело" се игра во Турскиот театар - Скопје (Senada Ibraimova - Anadolu Agency)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Вечерва Турскиот театар на малата сцена во Театар Комедија, по премиерата одржана во јануари, по шести пат ја изведе Шекспировата трагедија „Отело“ во режија на Дејан Пројковски. Со овој проект од програмата на театарот за минатата 2016 година, Турскиот театар се придружува кон светското одбележување на 400 години од смртта на драматургот Вилијам Шекспир, јавува Anadolu Agency (AA).

Од големиот драмски материјал на Шекспир, во кој тој уште пред 4 века зборува за деструктивните пориви кај човекот, како што се зависта, љубомората, борбата за власт и осветата, Пројковски, користејќи го преводот на Оздемир Нутку, направил одредени промени во драмскиот текст, притоа задржувајќи го главното драмско дејство, во кое има сплетки и конфликти провокативни за актерската креативност.

Оваа претстава Пројковски ја поставува на базен со вода, што пак е сценографско решение на Татјана Христоска – Блажевска. Водата претставува метафора за ’миење од гревовите’, како што беше изјавил самиот режисер, што пак претставува ново изразно средство по употребата на огнот и земјата во неговите претходни претстави.

Оваа претстава всушност претставува втора по ред, како што режисерот ја нарекува ’театарска лабораторија’ на темата трагедија, што тој ја работи со Турскиот театар. Претходно тој заедно со Турскиот театар го работеше „Прометеј“.

Пројковски преку оваа претстава направи постмодерна античка трагедија со интересни симболички решенија, како што е водата, која е симбол за миење на гревовите, , место за злосторство, простор за игра, но и симбол на солзите на Дездемона.

„Отело“ на Турскиот театар го презентира блесокот на актерскиот тим од којшто главната улога, односно Отело го игра Џенап Самет, Дездемона ја игра Сузан Акбелге, улогата на Јаго ја игра Селпин Керим, Касио го игра Осман Али, Емилија ја игра Зубејде Али, а во улогата на Родриго е Неат Али. Кореографијата на претставата е на Олга Панго, а музиката на Горан Трајковски.

Претставата се изведува на турски јазик, со македонски титлуван превод, и се очекува уште долго да остане на сцената на Театар Комедија. Од Турскиот театар велат дека досега имаат покани за гостување на многу фестивали.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.