политика

„Успеавме да ја вратиме Македонија на евроатлантската патека“

„Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Македонија е порака сама по себе. Тоа покажува дека во овие изминати шест месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека“

Ivana Ramadanova  | 15.01.2018 - Обновена : 16.01.2018
„Успеавме да ја вратиме Македонија на евроатлантската патека“ Ivana Ramadanova/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Македонија има што да му соопшти на генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, бидејќи во изминативе шест месеци постигнавме повеќе отколку претходните години, соопшти на денешната прес-конфернција министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, пред претстојната посета на Столтенберг на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

„Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Македонија е порака сама по себе. Тоа покажува дека во овие изминати шест месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека. Успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести, лоши информации кои во континуитет во изминативе години доаѓаа од Македонија. Успеавме на Македонија да ѝ отвориме нова шанса. Посетата ја гледаме како можност Македонија да се претстави во поинакво светло, како држава која ги решава своите проблеми, како држава која работи на својот приоритет, и која реално верува дека членството во НАТО и во ЕУ значат поголема сигурност и поголем просперитет на граѓаните на Република Македонија“, рече Шекеринска.

Taa потенцираше дека главната цел на посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, е да чуе од страната на Македонија што е она што сме го сработиле, но и да чуе какви се нашите планови.

„Во делот на одбраната, имаме со што да се пофалиме. Пред генералниот секретар ќе излеземе со податоци за зголемен буџет во одбраната, со веќе зголемено учество во НАТО мисијата во Авганистан, што беше еден од приоритетите на генералниот секретар пред само неколку месеци, и со нови политики на транспарентност и интегритет кои покажуваат дека Република Македонија, за да биде вистински член на НАТО, прво треба да си обезбеди интегритет, транспарентност и одговорност во своето функционирање“, нагласи министерката Шекеринска.

Во врска со проблемот со името, министерката истакна дека тој стана еден од многуте проблеми кој што НАТО ги нотираше во последниот извештај и практично од 2014 година до денес, тој список на проблеми стана прилично долг.

„Генералниот секретар нема да го решава проблемот со името. Генералниот секретар ќе ја прати пораката дека кога една држава сака да стане членка на НАТО и ги влече вистинските потези, го гарантира владеењето на правото, ги гарантира основните вредности коишто се основа на НАТО алијансата, дека тогаш таа ја добива шансата за членство во НАТО“, рече Шекеринска.

Taa на денешната прес-конференција ја информираше јавноста за поголемата транспарентност во работата на ресорното министерство.

„Транспарентноста значи одговорност, а одговорноста значи повисок интегритет, една од клучните политички критериуми кои што и НАТО ја поставува како обврска за своите земји-членки. Од овие причини, со желба да ја промовираме активната транспарентност и навременото информирање на јавноста, за првпат во Министерството за одбрана го донесовме правилникот за транспарентност во работата, со кое министерството се обврзува да биде максимално транспарентно кон јавноста“, истакна Шекеринска.

Според неа, ресорното министерство за првпат јавно објавува серија документи, почнувајќи од документите поврзани со своето материјално и финансиско работење, практичните информации за граѓаните до кои тие досега можеа тешко да дојдат.

„На веб страницата на министерсвото е отворена опцијата 'Јавноста има право да знае', каде што се ставени голем број информации кои за првпат ѝ се достапни на јавноста и со кои Mинистеството за одбрана го отвораме кон граѓаните. Тука спаѓаат законите, општите подзаконски акти, стратешките документи, буџетот на министерството, но исто така и анкетните листови на министерот и заменик министерот, како и платите на целокупната раководна структура во министерството, во армијата и во воената академија“, рече министерката.

Во делот на закони и подзаконски акти, Шекеринска информираше дека се поставени и ажурирани сите закони коишто се однесуваат на одбраната, а за првпат се поставени и се достапни на јавноста над седумдесет општи подзаконски акти кои произлегуваат од работењето на министерството.

„Една од поголемите новини на Минстерството за одбрана е објавувањето на планот за јавни набавки, но и не само тој документ. Овде секој заинтересиран ќе може со директен линк да ги отвори огласите за јавни набавки на министерството, а како што ќе тече процедурата на јавни набавки така ќе бидат објавувани и известувањата за одлуки за јавни набавки како и потпишаните договори за јавни набавки со директни линкови до тие документи“, потенцираше Шекеринска.

Таа рече дека е креиран и директен линк и до информациите за услуги кои министерството ги нуди за граѓаните, додавајќи дека сега на едно место може да се најдат сите правилници кои заедно со ценовници и начин како да се искористат тие услуги досега граѓаните ги дознаваа преку долга бирократска процедура.

На оваа страна, како што информира министерката Шекеринска, ќе може да се добијат и информации за уверенија за регулирана воена обврска и барањето за доброволно служење на воениот рок, кој досега можеше да се добие исклучиво во регионалните канцеларии на Министерството за одбрана.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.