Турција

Ердоган: Околу 14 милиони жители на Африка се соочуваат со глад

Ердоган предупреди дека околу 14 милиони жители на Африка се соочуваат со глад, од кои како што рече, поголемиот дел се жени и деца

Enes Kaplan, Özcan Yıldırım  | 27.04.2017 - Обновена : 27.04.2017
Ердоган: Околу 14 милиони жители на Африка се соочуваат со глад

Ankara

АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера во Анкара го прими претседателот на Сомалија, Мухамед Абдула „Фармаџо“ Мухамед, јавува Anadolu Agency (AA).

По состанокот, на прес-конференција, Ердоган предупреди дека околу 14 милиони жители на Африка се соочуваат со глад, од кои како што рече, поголемиот дел се жени и деца.

„Сепак, видовме дека многу развиени земји од Западот си играат тројца мајмуни пред ваквите хуманитарни трагедии. Ние пак, со Црвената полумесечина, како и со ТИКА, забрзано обезбедуваме средства коишто ги испраќаме“, изјави Ердоган додавајќи дека Турција и понатаму ќе продолжи да им помага на угнетените кои живеат во беда и сиромаштија.

„Во свет во кој деца умираат од глад не е можна ниту благосостојба, ниту мир и стабилност“, изјави турскиот претседател.

Тој додаде дека меѓународната заедница на сличен начин ѝ го свртела грбот и на Сомалија.

„Но, можам да кажам дека Сомалија е земја што напредува по патот на стабилноста, иако е препуштена сама на себе“, изјави Ердоган, напоменувајќи дека народот на таа земја конечно со надеж чекори кон иднината.

Тој нагласи дека Турција и Сомалија имаат силна соработка во многу области, додавајќи дека во наредниот период очекува уште посилна соработка на двете земји во областа на енергетика и рударство.

Ердоган истакна дека Анкара и во наредните години ќе продолжи да им дава финансиска помош на студентите од Сомалија кои студираат на универзитетите во Турција.

Претседателот на Сомалија изјави дека Турција обезбедува значајна поддршка за неговата земја на патот кон развојот, напредокот и стабилноста.

„Се надевам дека Сомалија и понатаму ќе ја ужива оваа посебна поддршка што ја има во моментов“, изјави Фармаџо, напоменувајќи дека двете земји имаат многу силни односи во многу области.

„Денес потпишавме голем број договори за соработка во областите како што се развој и култура. Соработката меѓу двете земји се развива забрзано. Имаме крајно длабока соработка, особено на полето на трговијата и земјоделството“, изјави Фармаџо.

Тој додаде дека по многу успешната посета на Турција, наскоро сака во својата татковина да го пречека турскиот претседател.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın