свет

Иванов: Кина се приближува до позицијата да биде најголемата економија во светот

Денеска во Охрид започна Третата меѓународна конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, со учесници од 15 држави од четири континенти

Admir Fazlagic  | 06.10.2017 - Обновена : 07.10.2017
Иванов: Кина се приближува до позицијата да биде најголемата економија во светот (Фото: Архива)

Ohrid

ОХРИД (АА) - Денеска во Охрид започна Третата меѓународна конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, со учесници од 15 држави од четири континенти. На отворањето на конференцијата се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека преку иницијативата „Еден појас, еден пат“, Народна Република Кина овозможува заедно да стигнеме на посакуваната дестинација, да се развиваат и да се поврзуваат државите и општествата, да се оствари напредок на полето на економијата, науката и културата, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Иванов во својот говор порача дека оваа конференција е дел од средба меѓу Истокот и Западот, меѓу Кина и Европа, и упати честитки до организаторите од Кина, Македонија и од Словенија и до поддржувачите на настанот.

Тој посочи дека поради позитивното искуство од минатото, Република Македонија сака да биде дел од новиот пат на свилата, затоа што, како што рече, Македонија како држава ја поддржува кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“ и смета дека иницијативата придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.

„Република Македонија сака да биде дел од ЕУ во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, но за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме развиен и рамноправен дел од европските патни, железнички и енергетски коридори. На ова поле, се соочуваме со парадокс, бидејќи Европската Унија сѐ уште не ги поддржува крупните инфраструктурни проекти, одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата 16+1 да градиме важен дел од европскиот Коридор 8“, истакна Иванов.

Во тој контекст, претседателот Иванов го спомена и проектот за брза пруга од Будимпешта до Белград, која низ Република Македонија треба да продолжи до Пиреја. Тој посочи и дека Македонија се залага за обновување на проектот за поврзување на реките Вардар, Морава и Дунав со Егејското Море.

„Инфраструктурните проекти во рамките на иницијативата 'Еден пат еден појас', ќе им овозможат на државите од централна, источна и од југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на земјите од регионот за странски инвестиции“, рече македонскиот претседател, додавајќи дека тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги избрише предрасудите и поделбите, ќе ја унапреди соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот.

Иванов ја поздрави одлуката Република Македонија да биде седиште на центарот за културна соработка на иницијативата 16 +1.

Осврнувајќи се на светот во денешницата, претседателот Иванов истакна дека е потребно државите да инвестираат во истражување и развој и софистицирани технологии, како и дека е потребно образование што ќе создава луѓе за „третот милениум“. Тој истакна дека Кина направила голем број позитивни чекори во многу сегменти коишто ја довеле до економски и севкупен просперитет.

„Кина повторно се приближува кон позицијата што ја имала пред два века, а тоа е да биде најголемата економија во светот. Кина направи голем исчекор на многу полиња. Ќе споменам само еден пример. Во нашиот урбан век, Кина е предводник на полето на пресоздавањето на градовите од старомодни во паметни градови. Со помош на дигиталната технологија, Кина го подобрува квалитетот на животот на граѓаните во паметните градови, во кои инфраструктурата е усогласена со современите потреби на луѓето, а неефикасната бирократија е сведена на минимум“, истакна Иванов.

Улогата на т.н. „човечки капитал“ во рамките на иницијативата за меѓународен економски развој „Еден појас, еден пат“ ќе биде во фокусот на Третата меѓународна конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што денеска и утре ќе се одржи во Охрид, со учесници од 15 држави од четири континенти.

Професори од универзитети од САД, Кина, Македонија, Австралија, Полска, Романија, Индија, Словенија, Катар, Унгарија, Србија, Англија... ќе дебатираат за бенифитите од иницијативата, а ќе бидат претставени истражувања за: економија, Централна и Источна Европа и Кина, јазикот и културата.

Во иницијативата „Еден појас, еден пат“, иницирана од кинескиот претседател Си Ѓинпинг во 2013 година, земјите од Централна и Источна Европа се опфатени со посебен механизам 16 плус 1.

Првата конференција за Кина и земјите од Централна и Источна Европа на тема „Меѓукултурен дијалог, образование и бизнис“, се одржа во 2013 година, во Љубљана, домаќин на втората беше Краков, каде што пак се дебатираше на темата „Општество и култури во транзиција“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.